Продолжуваат препукувањата на темата, како што ја нарече СДСМ, скандалозна тутунска афера. Од најголемата опозициска партија реагираа на пресот на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Румен Стаменов. Тие бараат одговори од него – ако веќе планирале да спроведат акција за производство на тутун на црно во Могила, зошто за тоа им биле потребни дури пет години?
– Го повикуваме директорот на инспекторатот, Стаменов да се охрабри и да каже: По чиј налог Државниот инспекторат за земјоделство молчел 5 години? Дали по 130 тони тутун завршувале во Арачиново и оттаму на Косово? Дали и кој од врвот на власта намамил чесни земјоделци и врз нивниот труд кеширал по 5 милиони и 200 илјади евра годишно? Ако директорот на инспекторатот не им го одговори ова на граѓаните, ризикува да биде соучесник во скандалозната тутунска афера – се наведува во писмената реакција од СДСМ.