Политички диригираната изјава на претседателот на Македонскиот полициски синдикат Тихомир Климовски, ја потврдува политизацијатата на тесното раководството на синдикатот, се вели во реакцијата на СДСМ.
– Наместо да застане во одбрана на правата на полициските службеници, кои со години не добиле униформа, обувки, чизми, кои немаат основни средства и услови за работа, на кои не им е исплатена прекувремената работа и кои во континуитет се изложени на притисоци, закани и пријави за мобинг, Тихомир Климовски застана во одбрана на политиките на систематско уништување на професионализмот во МВР. Јавноста не го слушна Климовски да пројави интерес за полициските службеници кои од политички причини противзаконски беа распоредувани и деградирани во континуитет – се наведува во соопштението од партијата.
Од СДСМ додаваат дека Тихомир Климовски не застанал во одбрана на законот кога со дозвола на раководните структури во МВР, биле заплашувани граѓаните за време на избори од полициски службеници кои исполнувале партиска агенда.
– Молчеше Климовски и за партизацијата на МВР и негово претварање во партиски штаб од страна на Гордана Јанкуловска. Синдикатот, полициските службеници и сите вработени во МВР немаат причини да стравуваат од остварување на целта за законито и професионално работење. СДСМ е посветен на агендата за враќање на системот на вредности во полициското работење и целосно почитување на законите кои ги уредуваат прашањата на полициското работење и правата на полициските службеници – велат од СДСМ.