Апелација се прогласи за ненадлежна да решава за „бомбите“

by Фокус

Апелациониот суд се прогласи за ненадлежен за решавање за тоа дали бомбите може да се користат како докази. Соопштението објавено на страната на Основниот суд 1 Ви го пренесуваме во целост:

Апелациониот суд Скопје, денес 27.10.2015 година, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги врати списите од предметот оформен по повод поднесените жалби од Основното јавно обвинителство – Скопје, изјавени против решението на судија на претходна постапка при овој суд за издвојување на докази, со образложение дека надлежен за постапување по овие жалби е првостепениот суд.

Во дописот со кој жалбите се враќаат на надлежно постапување на овој суд се наведува дека :

Согласно чл. 93 од ЗКП, кој се однесува на издвојување доказ е предвидено дека кога врз некој доказ не може да се заснова судска одлука, судија на претходна постапка, по службена должност или по предлог на странките ќе донесе решение за издвојување на списите најдоцна до завршување на истражната постапка. По подигање на обвинителен акт, решение за издвојување на докази донесува совет за оценка на обвинителен акт. Против ова решение е дозволена посебна жалба по која одлучува повисокиот суд.

Со одредбите од чл. 25 ст. 5 од ЗКП провсотепените судови во совет составен од тројца судии, одлучува по жалби против одлуките на судија на претходна постапка и против други решенија кога тоа е определено со овој закон.

Според Апелациониот суд, согласно чл. 443 ст.2 од ЗКП за жалби против решение на судија на претходна постапка одлучува советот од чл. 25 ст. 5 од овој закон, освен ако со овој закон поинаку не е определено. Согласно наводите не постои одредба која би го содржела ваквиот исклучок опредлен во одредбата од чл. 443 ст. 2.

Согласно овие наводи Второстепениот суд смета дека не е надлежен за постапување по списите од предметот оформен по повод жалбите на ОЈО – Скопје и истите ги врати на понатамошна надлежност на Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

Поврзани новости