436
Советот на Општина Кавадарци ја усвои одлуката за распишување на Референдум и со тоа граѓаните да се изјаснат дали некогаш, ако во земјава дојдат бегалци, би сакале да се населат во нивниот град.
И покрај сите владини деманти, дека нема да се градат станови за мигранти, пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ расправаше на Советот за опасноста од нивно наводно доселување во градот. Според нив, граѓанската иницијатива ,,Будење’’ собрала околу 700 потписи, и затоа бараа Референдум на кој граѓаните ќе одговорат на прашањето дали се за населување и интеграција на мигранти на територијата на Кавадарци.
Пратениците од СДСМ, прашуваат дали треба да се разговара за измислени теми, да се пласираат лажни вести и непотребно да се шири паника кај граѓаните.
Советникот Зоран Бањански од СДСМ вели дека да се расправа дали во Кавадарци да се примат мигранти, е исто како да се поставува прашањето – Дали во Кавадарци примаме диносауруси?
Тој смета дека бегалците се измислена тема за заплашување на народот, но и добар трик, за да се провери колку луѓе ќе гласаат за ВМРО ДПМНЕ на престојните локални избори.
,,Со собирањето на потписите на ,,Будење’’ всушност ВМРО си проверува колку потписи може да собере на гласање. Но, во Кавадарци слабо им оди, за три дена собраа едвам околу 700 потписи. Покрај тоа, за да еден советник си дозволи да постави такво прашање за бегалците, за кои сите владини институции дадоа демант, треба и да се провери дали тој истиот има лекарско уверение. Затоа и ги прашав советниците на ВМРО, дали се согласуваат секој советник, пред да си го започне мандатот, да приложи лекарско уверение за поминат психолошки тест’’ – вели Бањански за ,,Фокус’’.
Инаку, психолошките тестови најчесто се со цел, по пат на проверка на личните карактеристики, когнитивни и социјални способности, да се утврди компетентност на кандидатите за извршувањето на функцијата на која се наоѓаат, или за која се кандидираат.
Освен прашањето за психолошки тест, тој исто така ги прашал советниците и дали сметаат дека посоодветно прашање на Референдумот, од она за беглаците, би било прашањето – Дали мислите дека Груевски треба да си лежи за криминалот од пет милиони евра? На овие прашања, Бањански не добил одговор.
,,И оставија долг на болницата во Кавадарци од 500.000 евра, а наводно се плашат дека ќе се градат станови. Од каде пари за станови?’’ – прашува советникот.
За време на расправата, паднала и клетва од градоначалникот Александар Панов, неодамна осуден на казна затвор од два месеци, за изборен поткуп.
,,Јас сум против населување на мигранти во Кавадарци. Кој ќе донесе таква негативна одлука, никогаш аир да не види’’ – порачал тој.
Многу кавадарачани веќе започнаа со постирање на шеги на социјалните интернет страници, по повод наводното населување на бегалци.
–Десетици илјади мигранти тргнале кон Кавадарци! Најпримамливи им биле работата во ,,Дрекслермајер’’ за 9.500 денари и ,,чистиот’’ воздух! Брзале да не го пропуштат гроздоберскиот концерт на Северина! – се дел од мајтапењата на граѓаните околу, како што велат, обидите да се создаде паника од страна на ВМРО ДПМНЕ, и покрај острите деманти на Министерството за труд и социјална политика и Владата, дека нема да се градат станови за мигранти.
Вики Клинчарова