СДСМ Карпош: Јакимовски ја жртвува безбедноста на граѓаните поради своите бизнис интереси

by fokus

„Изминатиов викенд, поточно во саботата навечер, во детскиот парк спроти студентскиот дом “Гоце Делчев” се случи немил настан, кадешто шестгодишно девојче буквално летна заедно со конструкцијата на лулашката од паркот. За потсетување, ова е истиот парк кој пред неколку дена беше помпезно отворен од градоначалникот во заминување Стевче Јакимовски“, велат во изјавата од СДСМ Карпош.

Душко Весковски, претседател на ОО СДСМ Карпош, посочи дека директна одговорност за овој настан имаат Општина Карпош и градоначалникот. Како што вели тој, дел од реквизитите во детскиот парк се поставени од друг субјект, а не од изведувачот на паркот. Истите реквизити како што изјавува изведувачот на паркот не поседуваат сертификати за безбедност и имаат лош квалитет во споредба со останатите содржини за деца.

„Ваквото однесување на локалната власт е уште една потврда дека Јакимовски е подготвен да ја жртвува безбедноста на граѓаните, вклучително и на најмладите, само за да го оствари својот бизнис интерес. Безобразието на Јакимовски и општината оди дотаму што наместо да преземат одговорност, тие тврдат дека некој намерно ги оштетувал реквизитите за да се случи некаков инцидент.

Наместо преку соопштенија да создаваат конструкции и теории на заговор за наводни саботажи, доколку Јакимовски и Општина Карпош навистина се грижат за граѓаните, треба да ја преземат одговорноста за овој случај и да направат итна инспекција на сите други реквизити на ова и на другите игралишта, за во иднина да не се повтори ваков инцидент“, велат од СДСМ Карпош.

Поврзани новости