Во пресрет на утрешното враќање на опозицијата во Парламентот, од најголемата опозициска партија, СДСМ, велат дека се уште ја градат стратегијата за настап во Собранието. Утре ќе одржат пресконференција на која ќе ги соопштат нивните ставови за враќањето во законодавниот дом.
-Генерално, имаме сценарио за утрешното враќање во Парламентот, но не ни е целосно дообработено. Моментално работиме на тоа и сега не би сакал паушално да зборувам за деталите, за Фокус изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски.
Според договорот од Пржино, една од првите активности на Собранието во полн состав ќе биде Законот за специјалниот обвинител и неговото именување. Тој треба да биде избран најдоцна до 15 септември. Партиите се уште се немаат договорено на кој начин ќе работи специјалниот обвинител и колкава ќе биде неговата автономија. СДСМ смета дека неговата работа треба да се регулира со посебен закон со што тој би имал целосна автономија од Јавниот обвинител. ВМРО-ДПМНЕ пак, смета дека работата на специјалниот обвинител треба да биде регулирана со подзаконски акти на веќе постоечките закони, со што тој би бил под Јавниот обвинител.
Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, завчера при посетата на струшкиот регион, изјави дека доколку до 15 септември не се избере специјалниот обвинител и СДСМ нема каде да ги предаде материјалите со кои располага за тие да бидат процесуирани, тогаш ќе продолжи да и ги презентира снимените разговори на јавноста. Сепак, тој очекува дека до предвремените избори во април ќе паднат обвинителни акти за сите што се вмешани во некаков криминал.
За разлика од него, премиерот Груевски не верува дека до изборите во април ќе бидат поднесени кривични пријави против него и неговите соработници за наводите за криминал кои произлегоа од објавените бомби на опозицијата. За таквите очекувања на Заев, Груевски рече дека биле само обид лидерот на опозицијата да ја задржи надежта на неговото членство дека имаат шанси на изборите. Како што рече премиерот, Заев велел и дека Владата ќе падне за три дена, па тоа не се случило.
СДСМ и нејзините коалициони партнери 15 месеци не учествуваа во работата на Парламентот. За тоа време, владејачката партија донесе голем број на закони, најголем дел по скратена постапка. Само на 64-та седница на Собранието на Република Македонија на дневниот ред се најдоа 65 предлог-закони по скратена постапка, од кои само пет се објавени на Единствениот електронски регистар на прописи.
Катерина Смилева