СДСМ: Издавањето на Еврообврзницата е незаконско, никој нема да биде амнестиран

by fokus

СДСМ преку соопштение порачува дека Владата влегува во нов криминал со еврообврзницата:

„Никола Груевски, Владимир Пешевски и Кирил Миноски утрото повторно го почнаа процесот на издавање еврообврзница на износ до 650 милиони евра, со што директно го кршат законот за Јавен долг, без претходно обезбедено правно мислење од Министерот за правда, согласно член 18 став 6.

Исто така со носењето одлука за ова задолжување на странските пазари директно се кршат членовите 44,45 и 46 од Законот за Влада, како и членот 353 од Кривичниот Законик.

Предупредуваме дека сите раководни лица во државните институции инволвирани во издавањето на еврообврзицата ќе одговараат.

Јасно е дека со молкот од страна на ДУИ постои договор меѓу верните коалициски партнери. ДУИ уште еднаш потврди дека заедно со ВМРО ДПМНЕ кумува на економскиот колапс на граѓаните и на Р. Македонија.

Укажуваме уште еднаш на агентите за издавање на еврообврзницата, Сити Груп, Дојче Банк, Ерсте Банк, Сосиете Женерал и потенцијалните кредитори, дека ова задолжување е незаконско и ќе биде предмет на оспорување како законски јавен долг по промената на власта.

Тоа што оваа Влада и министерот за финансии манипулираат дека мандатот на дополнителните заменици министри е само 100 дена пред одржувањето на избори, никого не ослободува од ризикот од оспорување на законитоста на задолжувањето.

Издавањето на еврообврзница од 650 милиони евра е последниот обид на Никола Груевски за доуништување на економијата во Македонија.

Никој од инволвираните нема да биде амнестиран за извршувањето на ова финансиско злосторство“ се вели во соопштението од СДСМ.

Поврзани новости