Граѓаните шест пати во изминатите четири години ги поразија лагите, манипулациите и деструкциите на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, велат од СДСМ.
„Блокадите и опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ, беа поразени на изборите за градоначалник на Штип во неделата. Пред само пет месеци Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа поразени на предвремените парламентарни избори.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ ги загуби претседателските избори во 2019, а истата година Мицкоски беше поразен и на предвремените локални избори во Охрид и Ново Село.
Беше поразен и една година претходно на референдумот во 2018 година кога граѓаните одлучија да го поддржат Преспанскиот договор и кажаа ДА за членство во НАТО и ЕУ. Мицкоски беше поразен и на локалните избори во 2017 година како носител на листата на Град Скопје.
Губитникот Мицкоски никако да извлече поука од сите порази, никако да го слушне гласот на народот и упорно стои на спротивната страна од интересите на граѓаните и на државата.
Граѓаните бираат стабилна иднина, довербата им ја даваат на одговорни политичари кои носат храбри одлуки и обезбедуваат подобар живот за граѓаните.
Затоа Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ изолирани во сопствените лаги и деструкции, уште долго ќе останат во опозиција“, додаваат од владејачката партија.