Опозициската СДСМ реагира на веста дека Владата ќе набавува мебел во стилот рококо од времето на Луј XV, за што вели дека луксузите на фамилијата продолжуваат, додека бедата на граѓаните се продлабочува.
Никола уживаше во барок, а Емил премина на рококо. И тој како неговиот претходник бил вљубеник во луксузот. Димитриев ќе уживал во стилот на Луј XV. Премиерскиот кабинет на Димитриев ќе бил во масивно дрво со фотељи во боја на кралско вино! Со Емил Димитриев, власта на ВМРО-ДПМНЕ зачекори од 17 во 18 век. A, во 21 век во Македонија деца умираат од срушени тавани во трошните куќи на сиромашните семејства. Луѓе умираат од глад, се вели во соопштението на СДСМ.
Од опозициската партија велат дека со оглед на сиромаштијата во која живеат граѓаните, новиот премиер може да се откаже од луксузот кој е на нивниот грб.
-Но, тогаш Димитриев не би бил верен наследник на Никола Груевски, кој замина од премиерската фотеља со неколку станови, милионски парцели на Водно, рајски фирми и бизниси. Сега Владата ќе набавела канцелариски мебел, мебел за одмор на тераса, рачно изработени теписи, перници со посебна мемори пена и пердуви, трпезариски маси, како што е наведено во тендерската спецификација, во рококо стил од времето на владеењето на Луј XV. Новите луксузи на Емил и на власта ќе ги чинат граѓаните 52.000 евра, велат од СДСМ.