ФАТА МОРГАНА – Политика на илузија

by Фокус 20:15
20:15

пишува Д-р Љупчо РИСТОВСКИ

Фата моргана е оптички феномен кој се појавува при постоење на силна термална инверзија или девијација во воздухот која создава привидни слики или состојби на илузија.

- Advertisements -

 Каква е врската со политиката?

Во политичките науки постои т.н. политика на илузија. По дефиниција тоа подразбира политика преполна со мистерии, мелодрама, стереотипи, преголем волумен на политички спин и медиумска пресинг инверзија на стварноста, која пак е скусена од сериозни анализи и објаснување за политиките, при што медиумите се воздржуваат од критичко размислување кое поттикнува ефективна акција против определени политики на власта.

Дали препознаваме постоење на политика на илузија во Македонија?

Да земеме само еден елемент од политичкото однесување на властите кај нас. Имено, на секоја критика од опозицијата, власта реагира со преголема доза на емоции преку контра критики. На секое обвинување за корупција, настапува со контра обвинување. На секоја покрената акција, со контра акција, штрајк со контра штрајк, камп со  контра камп, лажни лични карти со контра лажни лични карти, анкетна комисија за злоупотребите на власта со контра анкетна комисија за злоупотреби на опозицијата. Ако ги нема – ќе се измислат. Но, важно мора да се контрира.

ПРОИЗВОДСТВО НА ИЛУЗИИ

Ваквите елементи на практикување на власта се класични стереотипи со висока доза на мелодрама во нив, а подјармените и клиентелистички настроени медиуми се посредници во производството на илузии во таа бркотница, наместо да си ја заземат гордо и достоинствено позицијата на четврта власт и како седма сила да се катализатори за разгорување и одржување на демократскиот стремеж на нацијата кон прогрес и просперитет.

Ова правило не е ексклузивно само и исклучиво во рацете на провладините медиуми, туку е рецидив кој љубоморно си го чуваат и опозициските медиуми. На пример, во ситуација кога имате два настани од кои едниот е со политичка важност и е промовирање на демократска искра на политичката сцена или породување на нешто ново и поразлично, а не е приврзок ниту на една од двете доминантни политички опции, опозициски настроените медиуми се определуваат за вторите т.н. “псеудо настани“, како на пример марш на сексуалните работнички и сериозна минутажа или страници посветуваат на таа тема. А потоа се жалат дека нема доволно медиумски слободи, дека нема различност во погледи и критичка опсервација на стварноста, дека се под пресија на власта, дека се под постојани закани, уцени и рекет, кои пак се сосема природен резултат од автократската методологија на владеење, и слично. За мене ова е своевиден парадокс на македонската политичка и медиумска сцена.

Ако медиумите, посебно опозициски настроените, или еве да ги наречеме демократски ориентираните медиуми,  не подржат, промовираат и лансираат демократски стремеж, ако тие не подгреваат атмосфера на критичка опсервација на стварноста, ако тие не создаваат амбиент за почит кон различните политички светогледи, тогаш како тие очекуваат да се ослободат од јаремот на власта?

Безброј пати досега сме ја анализирале актуелната методологија на владеење и секој демократски ориентиран добронамерен набљудувач, секогаш доаѓал до истите заклучоци: дека се работи за автократија. Но, автократијата која е на сцена во Македонија, не е само актуелна состојба која репродуцира јарем по сите основи во општеството, и подеднакво кон сите општествени слоеви и интересовни групации, туку е и вовед или еден вид на пред состојба која води кон заострување на состојбите во правец кон режимско владеење, кое пак е широко отворена врата и опасност за внесување на тоталитарни елементи во владеењето, што е само чекор до амбисот.

КАДЕ ПОГРЕШИВМЕ?

Власта, каква таква, е во позиција да ја злоупотребува позицијата на моќ. Но, како е можно, демократски профилираната јавност да и́ го дозволува таквиот дрзок, арогантен, мегаломански, коруптивен, и бескрупулозен модел на злоупотреба на власта?

Каде погрешивме? Кои се лекциите кои во оваа фаза треба да бидат научени и засекогаш апсолвирани од општеството, и од секој од нас поединечно?

W. Lance Bennett во неговата книга “Политика на илузијата“ поучува дека критичката опсервација на секоја политика на власта, кон секој нејзин политички спин или обид за политичка ментална инверзија на реалните состојби мора да биде вмрежан низ матрицата на здраворазумска проценка и анализа од страна на секоја индивидуа во општеството, дека е потребно да ја научиме или подобро поттикнеме јавноста да ги разликува и двои фактите од фикцијата, и секој индивидуално да ги евалуира или вреднува изнесените факти и постепено да почнеме со креирање на алтернативна критичка интерпретација на стварноста.

Во македонскиов случај, јас повторно ќе нагласам, интелигенцијата на нацијата ќе мора да се одважи и да не одолговлекува повеќе со излезот од зоната на конфорот, иако конформизмот е измислен и создаден од неа. Ќе мора конечно да “згрми“ на јавна сцена, затоа што понекогаш, во историски контекст моментите се неповторливи. И за мене, тоа е мигот на пресврт, кој има потенцијал да донесе промена на домашната политичка сцена. И за оваа кауза, ќе мора ние самите да се избориме. Затоа што станува збор за иднината на генерациите по нас, а не само за лукративното времено одржување и опстојување во зоната на конфорот.

Теоријата за општествен развој се обидува да ги објасни квалитативните промени во структурата и рамката на општеството, и му помага на општеството подобро да ги реализира неговите цели. Развојот пак е основно, дефиниран како движење кон прогрес и поголеми нивоа на енергија, ефикасност, квалитет, креативност, одличност, значи станува збор за процес на општествени промени. Оттука, колку ќе успееме како општество да акцелерираме промени кон прогрес, зависи од нас самите, или од вкупниот потенцијал на нацијата.

ЖИВОТ ОСЛОБОДЕН ОД СТЕГИТЕ НА ДРЖАВАТА

Интелигенцијата е тој општествен слој кој го покренува базичниот механизам за придвижување на процесот, а тоа е нараснатата свесност за се поголемите потреби за брза и ефикасна општествена промена, која ќе понуди нов процес на изнедрување на најдобрите можности за прогрес и нова општествена организација, или во нашиов случај ремоделирање на постулатите на политичкиот систем и преуредување на односите во политичкиот поредок, значи нов вредносен општествен модел. Крајната цел би била севкупната општествена енергија, вештини и способности на секоја индивидуа, нејзиниот умствен и интелектуален капацитет како најважниот ресурс на било кое општество, а кои во моментов тлеат некаде загубени во просторот и се невидливи за јавната сцена, како и сите останати расположливи ресурси на општеството, да се стават во функција да го изнедриме најдоброто од нацијата. Но, исто така и да го употребиме за искористување на единствената можност да ги добиеме посакуваните резултати, осносно, општество на среќни и задоволни граѓани, кои го имаат апсолвирано она субјективно чувство на задоволство од постигнатото во својот живот, на својата родна грутка, тука во Македонија.

Секако, развојот го движат многу фактори, од кои мотивот е еден од можеби најзначајните во оваа фаза. Тој мора да биде доволно моќен за да ги премости сите опструкции кои ќе се испречат на патот на промените. Вкупниот капацитет на општеството и способноста да се пресретнат сите предизвици и да се изнедрат сите можности и перспективи за прогрес ќе јакнат преку наплив на нови идеи, практики, рутини и навики кои ќе имаат сила да го премостат отпорот. Има ли поголем мотив од потребата да се ревитализира она иманентно чувство кое го има секој од нас од раѓање, да се живее подобар и поквалитетен живот во кој правото на лична среќа и задоволство од постигнатото во животот ќе бидат реализирани максимално можно, живот ослободен од стегите на било каков притисок од било која државна инстанца.

Интелектуалните лидери на Американската револуција, Бенџамин Френклин, Томас Пеин, Томас Џеферсон, Џон Адамс веруваа во идејата за прогрес и водени од неа препознаа навреме дека е потребен нов вредносен модел на политички систем. Токму таа идеја за прогрес се развиваше преку демократизирање на односите во општеството и приоретизирање на позицијата на индивидуата и нејзината благосостојба во општеството. Јасно поставените вредносни принципи, вградувањето на доблесноста како почитувана карактеристика во политичкиот живот на републиката, доведоа до реализацијата на правото на лична среќа, доведоа до забрзан прогрес и просперитет на нацијата. Човековите права и слободи беа на врвот на агендата на новата нација, иако процесот бил спор, и со тешки маки се пробивал низ општествените сцили и харибди. Овој искуствен модел е лекција која и ние ќе мораме да ја научиме. Што поскоро, тоа подобро.

ХИБРИДЕН ДЕМОКРАТСКИ КАПАЦИТЕТ НА ДРЖАВАТА

Во нашиов локален свет на илузии, политичката гарнитура на власт за сиве овие изминати скоро 10 години, не успеа да сфати дека гради на песочни основи. Не успеа да сфати и разбере дека нема прогрес и просперитет, нема одржлив економски раст и развој без правопропорционален раст и развој на демократските процеси во државата. Науката докажала дека во дадена фаза хибридниот демократскиот капацитет на државата ќе постане сериозна пречка, што впрочем инвеститорите кај нас сосема добро го почувствуваа и прекинаа со домашни инвестиции или ги намалија до ниво на одржливост на бизнисите. Странските директни инвестиции исто така, бараат како услов политичка стабилност и ниво на демократски слободи кои ќе им гарантираат успешно водење на нивните бизниси.

Нема иднина во свет на илузии. Нахалните политики на владата произведуваат фатаморгана, скоро во сите сфери на општественото живеење. Нашиве властодршци велат најдобри сме според “дуинг бизнис“, а тие оттаму велат, да ама не се мерат неколку клучни индикатори за успешноста, кои кога би се измериле, би не симнале на листата на рангирање далеку подолу. Нашиве властодршци велат има медиумски слободи, а стварноста е дека никој друг не може да ги забележи освен нивните платеници новинари. Велат дека убаво се живее во Македонија, а ретко кој може да го помине месецот без да му се прелее некој долг во наредниот месец. Ни велат на добар пат сме, а мнозинството ниту знае, ниту пак може да процени по кој пат одиме како држава и нација. Не убедуваат дека ќе биде подобро, а ние никако да видиме ниту “д“од доброто. Илузијата е навистина оптички феномен. Но, кај нас политичката илузија постана и ментален феномен. Тоа кое само власта го гледа, а се помал дел од нацијата успева да го види, упорно се настојува преку насилна илузионистичка проекција на стварноста да се поттикне “прогледување“, или отворање на очите на според нив “заблудениот и задоениот од демократскиот запад“ дел од нацијата,  што секако задира и во менталната сфера.

Ќе дојде мигот кога инверзија на светогледот ќе постане стварност, а времето и приликите се ближат.

(Авторот е Претседател на ИНТЕГРА Институт за доблесна и вредносна политика и еден од основачите на ФРОДЕМ – Фронт за демократска Македонија)

Поврзани новости