Премиерот Никола Груевски паничи за можно повлекување на препораката за преговори на Македонија со ЕУ, па оттаму е потребата да лаже и да бара виновници. Едноставно, Груевски ја ишка мувата над својата глава, изјави на денешната прес-конференција Радмила Шекеринска, заменик-претседател на СДСМ.
„Дозволете да потсетиме на заклучоците на Советот на ЕУ од 17 декември 2013 каде што недвосмислено беа наведени задачите што Македонија треба да ги исполни во 2014: владеење на право, независно судство, борба против корупција и организиран криминал, слобода на изразувањето, одвојување на државата и партијата итн. Ниту една од овие задачи не е завршена. Напротив, ситуацијата во земјава по овие прашања драстично е влошена“, рече Шекеринска.
Таа потсети и на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР: за изедначување на партијата со државата, пристрасни и необјективни медиуми, нефункционални институции и непочитување на клучните закони во државата.
„Наместо владеење на правото, денеска Македонија се споменува како држава со политички затвореници и селективна правда. Министрите се недостапни за судот, синдикални лидери добиваат затворски казни во рекордно брзи судења, а предметите против власта застаруваат во судења со брзина на полжав“, рече Шекеринска.
Ете затоа, некој веќе скока. Тоа е Никола Груевски. Бидејќи му гори под нозете, заклучуваат од СДСМ.
Целата прес-конференција на СДСМ можете да ја погледнете на видеото.