СДСМ: Груевски најавува едни исти инвестиции во здравството пред секои избори!

by Фокус

Позитивната листа на лекови ќе се прошири за неколку месеци, а најголем дел од лековите ќе бидат лекови коишто ги користат малигно заболените, најави денеска премиерот Никола Груевски, кој најави и нови инвестиции во здравството.

– За 15 до 20 дена треба да се отвори тендер за дел од нив, да започне процедурата за ставање на позитивната листа со сите потребни процедурални активности. Дел од нив се почнати, но интерно во Министерството за здравство. Следува работа на Комисијата од лекари итн – рече Груевски.

Од опозицијата, пак, обвинија дека во време на Груевски, особено откога министер за здравство е Никола Тодоров, се случуваат најстрашните работи во овој сектор.

„Болниците се руинирани, умираат родилки и новороденчиња, сред бел ден се пука во лекари. Граѓаните не ги добиваат потребните здравствени услуги. Лекарите си заминуваат од Македонија. Податоците се поразителни, дури 200 лекари годишно заминуваат од земјава. Македонија, според Еуростат е на врвот на листата со починати новороденчиња во Европа“, посочија од СДСМ.

Социјалдемократите притоа додадоа дека Груевски и Тодоров се фалат со едни исти инвестиции во здравствово, најавувајќи ги по неколку пати пред секој изборен циклус, како што е случаите со детската болница во Козле и ПЕТ Центарот за рано дијагностицирање на малигни заболувања.

Поврзани новости