Никола Груевски до последниот милион ќе ги брани „медиумските курири“ реагираат денеска од опозицискиот СДСМ по вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека после одложените избори за 5.јуни не прифаќа друг датум и други преговори, вклучително и за медиумите.
– Нарачаните текстови коишто ги објавуваат медиумските курири покажуваат дека нивната клучна улога е да шират лаги во одбрана на криминалните активности и корупцијата во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.Затоа Никола Груевски не сака слободни медиуми. Груевски до последен милион ќе ги брани медиумските курири затоа што тие го бранат неговиот криминал. Тој е спремен да ги потроши и последните пари што ги украде од граѓаните, за да ги брани своите медиуми. Корупцијата, криминалот, реалноста, 10 години се крие од граѓаните со помош на медиумскиот мрак. Затоа 20 милиони евра, пари на граѓаните завршиле во провладините медиуми, за само три години – се наведува во партиската реакција.
Според нив, ова е уште еден доказ зошто е потребна слобода на медиумите, зошто е неопходна регулација на медиумскиот простор во интерес на граѓаните.