Груевски ја направи Македонија прва во Европа по модерно ропство. Потврда за ова стигна од австралиската ,,Walk free foundation “ којашто ја рангира Македонија на првото место во Европа по т.н модерно ропство, реагираат од СДСМ.
-Повеќе од 13.000 граѓани, под репресија на режимот на Груевски, станаа модерни робови во сопствената држава со загрозени човекови права и слободи. Поранешниот премиер изминативе десет години свесно создаваше нова категорија на граѓани, модерни робови, заплашувани луѓе кои се под постојан притисок и закани од власта дека ќе го изгубат работното место, социјалната помош, субвенциите, пензиите.. – се наведува во партиското соопштение на најголемата опозициска партија.
Од таму додаваат дека вистината за Македонија покажала дека целта на таквите закани и притисоци била по секоја цена да се добијат гласови за Груевски од заплашуваните граѓани на криминални избори.
-Затоа тој бега од регуларни, фер и демократски избори. Никола Груевски мора да понесе и правна и морална одговорност за неговите погубни политики коишто ја втурнаа Македонија во модерно робовладетелско општество. Срамниот чин на аболиција кој што покорниот Иванов го направи по нарачка на Груевски само ја потврдува оваа срамна поделба на граѓаните, во којашто криминалната власт е над Уставот, законите и правната држава, ослободена од секаква одговорност. Затоа целосно повлекување на аболицијата мора да има и функционерите од власта да бидат еднакви со граѓаните пред законот. Тие што сториле злодела ќе одговараат – се наведува понатаму во соопштението.