СДСМ го тужи Собранието

by Фокус

За СДСМ, верификацијата на мандатите е противзаконска и противуставна одлука, донесена од Собранието.

„Од Управниот суд бараме поништување на донесената противзаконска и противуставна одлука на Собранието за верификација на мандатите. Собранието грубо го повреди уставното право на избор на кандидатите за пратеници на опозицијата. Собранието грубо го прекрши Изборниот законик, игнорирајќи ја јасно изразената волја на кандидатите на опозицијата, преку изјави заверени на нотар дека мандатите не ги прифаќаат“, истакна Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Тој додаде дека во 2011 година Државната изборна комисија констатирала во записник дека избраниот пратеник има право да го прифати или одбие мандатот.
„Правни дилеми нема. Власта на Никола Груевски, преку Собранието се обидува политичката криза по криминалните избор да ја покрие со правен хаос. Никола Груевски за инструмент повторно го избра неговиот послушник Трајко Вељаноски. Јавноста треба да знае дека Трајко Вељаноски и мнозинството на Никола Груевски, откако на сила ги направија пратеници кандидатите за пратеници на опозицијата, тргнаа во уште посуров чекор. Свесно ги загрозуваат егзистенциите на овие луѓе и нивните семејства. Со дописот на Вељаноски до нивните работодавци власта сака да ги остави без плата, а сакаат да ги остават и без стаж“, рече Шилегов.

СДСМ бара од Управниот суд да донесе времена мерка за одложување на правните последици од насилната верификација на мандатите. Опозицијата потсетува дека Управниот суд е должен да се изјасни во законскиот рок од 7 дена.
„Во спротивно, тоа ќе биде уште една потврда на оценката во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, дека институции нема, дека во Македонија, сè е партија и дека таа партија е ВМРО-ДПМНЕ“, додаде портпаролот на СДСМ, Шилегов.

 

 

 

Поврзани новости