Како режимот на Милошевиќ си создаваше коалициони партнери и провладини „опозициски“ партии

by Фокус

Текстот е објавен на 31-ви јули 2009-та  во неделникот „Фокус“ во бројот 735

Разговарал
Бобан НОНКОВИЌ

Беше во врвот, а по 5-ти октомври 2000-та, и на чело на партијата ЈУЛ на Мира Марковиќ. Познат е по своите жестоки левичарски ставови. Плукаше по студентите што штрајкуваа во Белград во 1998-та, иако 30 години претходно и самиот беше дел од студентските протести во главниот град на СФРЈ. За неговите тврди националистички ставови, за Мира Марковиќ и владеењето на Милошевиќ и нивните долги разговори во врска со Македонија; за „сончогледот“ Шешељ и „загадувачот“ Ѓинѓиќ, за неговиот став да се премолчат 100.000 жртви на комунистите во Србија по 1945-та… Љубиша Ристиќ ексклузивно говори за „Фокус“.

ФОКУС: Поразот на коалицијата СПС-ЈУЛ од ДОС на фамозните избори во 2000-та, тогаш го окарактеризиравте како класичен државен удар. Тврдевте дека тоа е пуч, организиран од странство, а дека пребројувањето на гласовите било обична шминка. Дали и денес имате таков став?

РИСТИЌ: Во времето кога тоа го нареков државен удар, тоа звучеше како оцена која што произлегува од моето незадоволство од резултатите. Но, времето јасно покажа дека нашата коалиција, левицата, ги доби сојузните избори. Во меѓувреме се напишаа многу книги со историски податоци, кои говорат многу прецизно за овие настани. На претседателските избори, после првиот круг, е направен државен удар, беа запалени гласачките ливчиња со упадот на навивачите и на параполициските и паравоените формации во Собранието, и беше оневозможен вториот круг. Тоа е сценарио кое што е практикувано и во многу други земји. Меѓутоа, најпоразително во целата ситуација беше тоа што имаше многу луѓе кои беа подготвени поради власта да ја извршат таа работа за надворешните фактори.

ФОКУС: Зошто сметавте дека е грешка на Милошевиќ што ги закажал претседателските избори една година пред истекувањето на неговиот мандат?

РИСТИЌ: Тука веќе се работи за одредени историски лекции. Кога бев млад студент, уредник во „Белградски студент“, објавивме еден афоризам за превирањата во Полска, во времето на генералот Јарузелски, пред појавата на „Солидарност“. Афоризмот беше: „Работите во Полска ќе започнат, кога полската влада ќе ги одобри“. Таа игра на зборови всушност кажува дека никогаш и никаде во Источна Европа не се случиле автентични, спонтани движења на т.н. дисидентско, демократско рушење на власта. Напротив, секогаш тоа беше еден организиран спој на дејствување на безбедносните сили, најчесто под контрола на војската, поради тоа што државниот врв, заедно со надворешниот фактор, проценил дека се неопходни некакви промени во развојот на државата и на меѓународните односи.

СИТЕ СЕ ПРАВИТЕ ЛУДИ

ФОКУС: Во српските медиуми, после „5-ти октомври“ имаше едно општо мислење дека Милошевиќ ги загубил изборите поради тоа што повеќе се грижел за тоа како ќе опстане партијата на неговата сопруга ЈУЛ, од тоа како тој ќе помине на изборите!

РИСТИЌ: Срамно е што и понатаму ЈУЛ се прогласува за главниот виновник за сите случувања во Србија, а практично никогаш не беше на власт, освен со 2 до 3 незначајни министри во некои коалициони влади. ЈУЛ беше повеќе како некое движење, отколку силна партија. Тоа, пред сѐ, беше обид во Србија да се промовира еден поинаков пристап освен националистичкиот, односно, левицата да се врати во живот со југословенската идеја, после неколку години оргијање на национализмот, на четничкиот реваншизам, сето она што ја преплави Србија под власта на СПС. Милошевиќ во еден момент ја сфати работата, и тоа за него е еден историски плус, а не минус, како што тоа денес некој би го протолкувал. Сметаше дека тоа не е патот по кој што Србија би требало да чекори и дека ќе мора да се спротивстави. Јас бев претседател на ЈУЛ, до чие што формирање дојде од една јасна идеја на Милошевиќ дека мора да се запре лизгањето на Србија од оној пат на кој што веќе се лизнаа Хрватска, Словенија, Босна…

ФОКУС: После „5-ти октомври“, ЈУЛ практично исчезна со 200-те илјади членови. Дали ЈУЛ се одвои од левичарската позиција или затоа што тоа беше елитистичка партија, па сите избегаа кога веќе не беше власт?

РИСТИЌ: Никој не побегна.

ФОКУС: Па каде исчезнаа тие 200 илјади членови?

РИСТИЌ: Вие воопшто не знаете каков политички терор беше во Србија после 5-ти октомври.

ФОКУС: Објасните ни…

РИСТИЌ: Не сакам. Јас не сум историчар. Вие сте новинар и вие истражите, па објасните. Беа отпуштени од работа 200 илјади луѓе. Знаете ли што се случуваше во Србија тоа време? Знаете ли што се кризни штабови?  Знаете ли што е упаѓање со оружје во државни институции, претпријатија, канцеларии? Знаете ли како изгледаше Србија во тоа време или сите се правите луди? Србија беше земја на политички терор, во кој што беше спроведуван страшен притисок врз луѓето поради нивната слободно изразена политичка волја.

ФОКУС: Но, сликите говореа дека теророт во Србија го вршеше Милошевиќ. Очигледно е дека сме биле погрешно информирани!?

РИСТИЌ: Не, туку ви одговараше да бидете така информирани.

ФОКУС: На кого тоа му одговараше?

РИСТИЌ: На јавноста во Македонија.

ФОКУС: На јавноста или на политичката гарнитура која што владееше?

РИСТИЌ: Можно е и на двете.

ВЕЌЕ НЕМА АВТЕНТИЧНИ СТУДЕНТСКИ ДВИЖЕЊА

ФОКУС: Зошто бевте против да се отвори прашањето за жртвите на комунизмот? Станува збор за околу 100 илјади жртви во Србија!

РИСТИЌ: Франција имаше многу поголемо расчистување на сметките со своите соработници на окупаторот отколку што тоа беше кај нас. Ние тука сега имаме многу поширок процес во кој таквиот реваншизам ја елиминира секоја битка за независност на својата земја, за отпор кон окупаторот, при што секој предавник на својата земја се прогласува за маченик, за жртва и херој. А секој што се борел за слободата на својата земја, против окупаторот, се прогласува за некој што направил зло и кој треба да го стават на столбот на срамот. Ние тука не го развиваме прашањето за праведни или неправедни жртви, за луѓето кои се убиени без суд. Секако дека сето тоа историјата треба да го забележи и истражи, но, тие што сега ова го покренуваат не се грижат за жртвите или за невините луѓе кои страдале и кои секогаш страдаат во војните, револуциите. Овде се работи за планска, пропагандна, темелна акција да се елиминира секоја мисла за отпор на надворешната сила. Тоа е квинслиншката предавничка политика, со која сега треба да се рехабилитираат разно-разни политички опции во нашата историја, а да се обвинат сите кои се бореле за слободата на својата земја.

ФОКУС: За прв пат станавте познат во јавноста во 1968 година, кога во светот завладеа тој студентски отпор. Бевте дел од студентското движење, но, 30 години подоцна, едно слично студентско движење во Белград го осудивте и нарековте профашистичко. Зошто?

РИСТИЌ: Таа „бејби бум“ генерација, која се појави кон крајот на 60-тите години, секаде во светот од разни причини и со разни мотиви се спротивставуваше на важечкото светско уредување и уредувањето во своите држави. Има многу од нас што сме учествувале во тие движења, и кога ќе подвлечеме црта и кога ќе видиме кој од нас на која страна е денес, ќе видиме дека поголемиот дел преминале од другата страна, а многу малку останаа луѓе кои се поврзани автентично со своите идеи од својата младост. Поголемиот дел се откажаа од тие идеи, ги ревидираа и преминаа на страната на нашите тогашни противници, против кои се боревме тогаш. Причината за тоа не е тешко да се разбере, ниту пак да се објасни. Притисокот беше преголем, но, државите и режимите станаа поумни и поитри. Од 1968-та, до денес, не постои ниту едно автентично студенско движење никаде во светот!

ФОКУС: Сакате да кажете дека сето тоа е контролирано?

РИСТИЌ: Да. Повеќе ниту една држава не може да влегува во ризик со спонтаните младински движења. Искуствата на студенските движења, алтернативните концепции на алтернативните друштва кои се родени во 60-тите години, се анализирани и по тие анализи се извлечени многу умни заклучоци, и сите светски држави и служби кои се занимаваат со безбедноста на разни држави, многу добро се организираа за во иднина никогаш да не дојде до спонтани младински и студенски движења. Ако е потребно, такви движења многу лесно се организираат, се снабдуваат со логистика и тоа не е веќе нешто што е мистериозно. Американскиот полковник во Канада објави книга каде што опишува како се формирал „Отпор“ во Србија, како се финансирал, колку тоа чинело, како треба луѓето да се школуваат, како тие обучени кадри си заминуваат, па после нив доаѓаат други за школување од Белорусија, Грузија… Тие се фалат со нивните проекти по медиуми!

ФОКУС: Тврдите дека „Отпор“ воопшто не е автентична организација?

РИСТИЌ: „Отпор“ е организација која што е формирана од страна на државната безбедност на Србија, како фондација која има свои пунктови во 20-тина градови и тие пунктови се отстапени на надворешниот фактор, кога тоа беше неопходно. Ништо тука нема комплицирано и не е тоа некоја приказна, ниту херојска, ниту пак трагична. Тоа е една мрачна полициска приказна, проѕирна, и во неа нема мистерија, сето тоа е објавено и опишано. Поразително е за тој млад свет што се бунтуваше, кога после само две години им се појавуваат имињата по разно-разни книги, каде оние кои што ги ангажирале и кои што ги финансирале, ги оцрнуваат, ги покажуваат кои се, им ги кажуваат имињата, местата и за тоа кој ги донел парите, колку и за што ги поделиле, за што го користеле остатокот на пари. Гледате милион граѓани на Србија кои што протестираат против ужасниот режим, балканското касапење, а, всушност, имате луѓе кои се обучени во НАТО базите во Босна како го опколуваат Собранието.

МИРА МАРКОВИЌ ИМА ЗАБРАНА ДА КОНТАКТИРА СО МЕНЕ

ФОКУС: Но, ним им се приклучија и многу други граѓани?

РИСТИЌ: Имате 15-тина јадни полицајци кои што ја држат вратата на Собранието и голем број на припадници на државната безбедност со црвени баретки и дузина криминалци, легии и убијци, кои, наместо да ја бранат државата што ги плаќа, тие покажуваат три прста и се гушкаат со истите тие криминалци кои го палат Собранието. Си-ен-ен пренесува како гори Собранието и како се разграбуваат уметничките слики, мебел и сето останато. Јас бев пратеник во Сојузното Собрание во два мандата. Предававме потписи за кандидатура на партијата за да учествува на изборите. Тоа во Собранието се  простории кои се наоѓаат долу и се оди по некои ходници, вистински лавиринт, што јас и после 8 години кои ги поминав во Собранието, нема да можам да ве одведам таму. Но, навивачите на „Партизан“ и на „Црвена звезда“, кои ги пуштија во Собранието, во рок од 15-тина секунди точно се симнаа во просториите на Изборната комисија каде што избувна пожар и каде што изгореа сите гласачки листови. Тоа е целата приказна од целата таа свињарија.

ФОКУС: Излегува дека Милошевиќ не е виновен за ништо!?

РИСТИЌ: За сите проблеми го обвинуваат Милошевиќ, за распадот на Југославија, за сѐ што е лошо сторено, за сѐ е виновен Милошевиќ. Тоа е просто премногу лесно за да биде точно. Јас таа работа ја познавав од внатре и ќе дојде време кога за тоа многу сериозно ќе се зборува. Ние мораме да размислуваме за луѓето кои беа во самиот центар на тие работи, тие се највиновни за тоа. Нам ни се виновни сите од надвор, бидејќи ни нанесоа многу зло, но, никогаш тие не би успеале во тоа доколку ние внатре немавме толку луѓе кои беа подготвени да работат против својата земја. Било која земја да е во прашање, секоја од нив доживеа да направи луѓе кои се подготвени да работат против својата земја. Тоа е најстрашно од сѐ. Ние имавме безбедносни, воени и државни апарати кои работеа против својата земја, наместо да ја вршат својата уставна улога. Тоа е нашиот најголем проблем. Не е проблемот што околу нас се расфрлаа Русите и Американците, проблемот е што ние не бевме доволно сериозни својата работа самите да си ја водиме.

ФОКУС: Дали сѐ уште контактирате со Мира Марковиќ или со некој од фамилијата на Милошевиќ? Што се случува со нив?

РИСТИЌ: Не, не контактирам. Јас сум еден од ретките луѓе со кои Мира, откако замина, не контактираше воопшто и мислам дека има забрана да контактира со мене.

ФОКУС: Од кого?

РИСТИЌ: Од оние што го држат контактот.

ФОКУС: Дали Мира Марковиќ ја држат како заложник?

РИСТИЌ: Мислам да.

ФОКУС: Кој? Американците?

РИСТИЌ: Не, не верувам дека Америкаците ја држат Мира како заложник во рака.

ФОКУС: Кој е интересот на Русија да ја држи?

РИСТИЌ: Не знам, прашајте ги нив. Единствено знам дека таа жена живее во една ужасна ситуација, мажот ѝ е убиен, одвоена е од своите деца, не ѝ е овозможено слободно движење, нема никаков живот.

ФОКУС: Не може да ги ужива сите оние милијарди…

РИСТИЌ: Еве, ја гледате целта на целата оваа приказна. Сите приказни сѐ од тој вид, се е исто. Приказна, приказна и народот верува, годините минуваат, и после толку време нема да има никој да праша што беше со оние приказни, за што всушност таму се раскажуваше?!

ПРИФАТИВ ДА БИДАМ „ЧАДОР“

ФОКУС: Како го гледате судењето на Шешељ во Хаг, особено што го сметавте за „сончоглед“, кој се врти на сите страни?

РИСТИЌ: Оставете го Шешељ на страна, тој е интересна фигура, но, тоа не е сериозна политика. Тоа повеќе е работа на службите, на разно-разни интереси, немојте околу тоа многу да се вознемирувате.

ФОКУС: Сега на власт, заедно со демократите на Тадиќ, е токму партијата на Милошевиќ.

РИСТИЌ: Таа партија го предаде Милошевиќ додека сѐ уште беше на власт. Како инаку ќе паднеше од власт, ако таа партија не го предадеше?! Нејзините кадри беа распоредени насекаде во државата.

ФОКУС: Но, во тие 90-ти години беше многу итар да преговара со грчкиот премиер Мицотакис за поделба на Македонија.

РИСТИЌ: Од каде ви е сега тоа!? Милошевиќ никогаш не преговараше против Македонија и никогаш Македонија немаше поголема и посериозна поддршка никаде во Југославија од самиот Милошевиќ. Тоа е обична пропаганда. Целата  историја, со сите случувања позади тоа, покажува дека тоа не е вистинито.

ФОКУС: Зошто мислите дека Македонија имала поддршка од Милошевиќ? Затоа што тогаш овде на власт беа нему блиски луѓе?

РИСТИЌ: Не, туку затоа што тоа е така историски, традиционално. Затоа што Македонија за својата независност и својата државност, секогаш ја имаше поддршката од Србија, онаа Србија која меѓу останатото се бореше и за слобода на Македонија, на чело со партизаните од Косово каде што беше мојот татко, и со партизаните од Македонија, меѓу кои беше мојата мајка. Јас зборувам за тоа, а тоа што имало српски шовинисти и десничари, кои што Македонија ја гледаа како српска јужна покраина, да не зборуваме за тоа. Секогаш постоеле такви луѓе. Секогаш имаше такви кои Македонија ја сакаат за себе и секогаш имаше такви кои го поддржуваа самоопределувањето на Македонците. Во Југославија што ја создадоа југословенските комунисти, Македонија стана држава и тоа е единствената вистина која постои. Имаше континуитет на Милошевиќ во однос на Македонија и тоа не треба никогаш да го заборавите. Тој е левичар и југословен, и тоа е неговата политика, а сето останато се приказни. Тоа го знам затоа што лично сме разговарале, а тој знаеше дека јас сум половина Македонец!

ФОКУС: Конкретно, што Ви зборуваше за Македонија?

РИСТИЌ: Во врска со Македонија, секогаш говореше дека треба да се разбере позицијата во која се наоѓа Македонија, дека не треба да им се зема за зло на Македонците што некои работи треба да ги направат, што немаат избор, што се под притисок. Во средината на најсилната криза во Косово, тој така говореше за Македонија. Секогаш говореше дека народот во Македонија ја сака Србија, дека народот во Србија ги сака Македонците, дека тоа е братски однос. Тоа беше неговиот став. Сето останато нема врска.

ФОКУС: Спомнавте дека Милошевиќ ги надмудрил Американците со формирањето на ЈУЛ. Какви планови имале тие за левицата?

РИСТИЌ: Ќе ја цитирам книгата на Холбрук, во која пишува дека на Милошевиќ му рекол дека е невозможно да се соработува со националистите и десничарите во источна и југоисточна Европа, и дека тие се потполно неспособни за водење на државата. Кога само би се вратиле деновите кога соработувале заедно со комунистите и дека Србија мора под итно да формира своја левица, доколку сака да биде партнер за било каква сериозна соработка. Тоа Холбрук му го кажал на Милошевиќ и тој веднаш сфатил: „Подобро е сам да формирам левица, пред Америкаците тоа да го сторат“. И тоа е целата приказна за левицата. Како претседател на партијата, Мира Марковиќ и Слободан Милошевиќ ме повикаа за да им помогнеме. До тогаш не сакав да се мешам во политиката воопшто. Не сум бил ниту во една партија, туку си ја работев својата работа. Тогаш прифатив на извесно време – ако треба „чадор“, јас тоа ќе го направам!

ЖАЛАМ ЗА ЛУЃЕТО, А НЕ ЗА ДРЖАВАТА

ФОКУС: Зошто денес сте во Македонија? Сега, кога антиката е најактуелна во Македонија и партијата на власт се обидува да антиквизира сѐ, Вас МНТ ве ангажира да ја режирате „Троил и Кресида“ од Шекспир. Дали тоа е злоупотреба на моментот, а и за Вас еден чуден ангажман, бидејќи претставите секогаш ги работевте контра актуелната власт, а сега „дувате“ заедно?

РИСТИЌ: Морате прво да ја погледнете претставата за да ја разберете. Секогаш го „дувам“ својот труд и мојот театар е секогаш надвор од секоја политика. Никогаш не сум работел политички театар, тоа е измислица на неуки критичари кои не го разбираат театарот. Тие не разбираат дека политиката е само една од работите на театарот. Јас многу свесно и намерно се занимавам со Шекспировата „Троил и Кресида“, тоа е пародија на Тројанската војна, многу интересна драма од Шекспир, која е многу различна од неговите историски драми и од неговите трагедии и комедии. Тоа е една многу модерна, специфична, силна и груба критика на Тројанската војна, од што јас извлекувам заклучок дека таа војна од секогаш трае, никогаш не престанала. Тоа е она со кое ние се занимаваме. А, кога човек ќе земе и ќе ја погледне Илијада, ќе види дека и во Илијада се пишува за истото, за бесот, ужасот, само не за идеалното и за праведна борба. И денес овде имаме причини да се занимаваме со војните: што се војните, зошто се војните, во чиј интерес се, кој ги води војните..? Ако ја гледате претставата, ќе видите дека тоа е прашање на антиката, но, тоа е и многу современо прашање, само што тоа античко прашање за нас е современо три илјади години без прекин. Затоа, на тоа треба да работиме и со тоа да се занимаваме, не само во Македонија, туку во целиот овој регион.

ФОКУС: Велат дека хонорарот на Ристиќ е многу висок и дека тој нас сега не фарба кога вели дека македонските актери за него секогаш биле најдобри од сите бивши југословеснки држави.

РИСТИЌ: Зарем имам потреба да фарбам!? Што ми е грижа дали некој ќе ми верува. Јас имам 62 години и доволно сум направил во сите овие години позади себе. Што ми е мене грижа што некој ќе зборува. Мојот хонорар е обичен хонорар.

ФОКУС: Дали навистина мислите дека македонските актери се најталентирани?

РИСТИЌ: Да, но јас тоа не сум го кажал сега, туку пред 20 години, а сега само го повторив. Тоа не е нешто со кое што ќе ја откријам Америка, па да биде шокантно откритие. Тоа секој го знае.

ФОКУС: Не е шокантно, но е интересно за нас.

РИСТИЌ: Кога студиравме Академија, имавме македонска класа и многу глумци од Македонија беа кај нас. Имаше класа и во Загреб, тогаш сѐ уште немаше формирано академија во Скопје. Веднаш се виде колку се талентирани луѓето, ништо не беше нејасно, ниту спорно. Исто така, многу се талентирани и албанските актери. Во мојата генерација имаше предобри актери од Косово. Ние имавме величествен театар, затоа што имавме толку талентирани луѓе на сите страни, имавме образовани, вредни, убави, музикални, но, сето тоа го изгубивме. Не е многу голема работа тоа што ја загубивме државата, туку што ги загубивме луѓето, за да бидеме најголеми и најдобри во спортот, уметноста, културата. Тоа е проблемот што мене ме мачи. Мене не ми е грижа за државата, државите никогаш не ме интересирале!

ЃИНЃИЌ БЕШЕ ВЛАДИН ПРОЕКТ ШТО ГО ПРЕЗЕМАА ДРУГИ

ФОКУС: Како гледате на политичката кариера и трагичниот крај на Ѓинѓиќ? Своевремено знаевте да го наречете „загадувач“ на Србија?

РИСТИЌ: Никогаш сериозно не сум размислувал за Ѓинѓиќ како за сериозен политичар, бидејќи просто тој никогаш тоа и не ни бил. Ѓинѓиќ беше производ на една концепција на српската државна безбедност, тој за нив беше план и програма, предмет на преговори со Милошевиќ…

ФОКУС: Што на крај истите тие го ресетираа?

РИСТИЌ: Не знам дали тие го ресетираа.

ФОКУС: Ликвидаторите и нарачателите биле членови на единицата за специјални операции на ДБ. Тоа се докази, и, ако Вие кажувате дека тој беше нивен производ, тогаш тие создале „Франкејнштајн“ кој подоцна го уништија.

РИСТИЌ: Не би навлегувал подлабоко во таа приказна. Просто го знам она што го знам, а тоа е дека проектот Ѓинѓиќ беше владин проект на српската државна безбедност и дека во еден момент тој проект беше превземен од страна на други, и дека тоа момче е убиено. Еден многу сериозен човек, неодамна почина, па не му го споменувам името бидејќи не е во можност да потврди, ми кажа непосредно после таа случка, дека според неговите информации, Ѓинѓиќ е убиен затоа што не го извршил она што била негова задача, дека тоа било казна. Мене сето тоа ми звучи многу реално, познавајќи ја ситуацијата во Србија. Тој превземал нешто да сработи, но, беше спречен и не го завршил!

МИЛОШЕВИЌ БЕШЕ ДОБАР ЧОВЕК И ЛОШ ПОЛИТИЧАР

ФОКУС: Според Вашите зборови, добивам впечаток дека Милошевиќи биле толку наивни и глупави, што, на крајот, тоа било кобно по нив!?

РИСТИЌ: Тука зборуваме за погрешен и неспособен политичар. Легендата за Милошевиќ како супериорен политичар воопшто не е точна. Тој е многу подобар човек отколку што се зборува и многу полош политичар отколку што се зборува. Многу е просто и воопшто не е комплицирано. Милошевиќ е човек кому комплетни медиуми му преминаа во противнички раце. Тој е човек кој што закажува избори, каде што без ниту една причина ќе биде симнат од власт. Тој е човек кој дозволи сопствената партија сето време да ја организира опозицијата, а сопствената полиција и државна безбедност како главни проекти да ги влечат проектите на опозицијата, кои што ќе ги срушат од власт!? Сите тие луѓе тој ги држеше околу себе како некаква потпора за своите политички програми за зачувување на независноста на земјата и економскиот живот на земјата во ситуација на санкции со неверојатен притисок од сите страни, за потоа да доживее предавство од сопствената партија, од сопствениот државен апарат, а тој, притоа, на себе ја превзема улогата на семоќен диктатор кој ги држи сите конци во свои раце!? Притоа, со ништо не командува и со ништо не раководи… ЈНА потполно го напушти Милошевиќ уште на почетокот на 90-тите години. Воопшто не го слушаше и не му придаваше никакво значење!

ФОРМИРАЊЕТО НА ЈУЛ БЕШЕ ШОК ЗА СИТЕ

ФОКУС: Еден интересен лик на македонското подземје, Петрит Аме, се фалеше дека ја има една од првите пет книшки на партијата ЈУЛ. Сега е меѓу мртвите, иако некои сметаат дека си ја исценирал својата смрт, но, во тоа време изјавуваше дека, по наредба на Милошевиќ, за ЈУЛ набавувал Косовари да се зачленат во таа партија и истата да биде со национално мешан состав. Дали воопшто го познавате Петрит Аме?

РИСТИЌ: Не, не знам за тоа име. Но, кога е во прашање ЈУЛ, морате да разберете дека формирањето на левицата беше апсолутен шок за комплетната сцена во Србија, затоа што тоа беше направено зад грб на сите нив, надвор од сите планови на СПС, Државната безбедност, опозицијата. Конечно, со формирањето на ЈУЛ, Милошевиќ ги надмудри американските планови за соработка со левицата во Југославија.

Поврзани новости