Градоначалникот Стевчо Јакимовски не оствари ниту едно од изборните ветувања, обвини денеска советникот во локалната самоуправа од редовите на СДСМ, Иван Спировски.
– Пред цели 2 години Јакимовски вети дека општинската зграда ќе биде готова за 8 месеци. Поминаа години а сѐ уште ја нема зградата на општинската администрација. Секторите на општината се расфрлани на 10 различни локации во Карпош. Поради неодговорноста на Јакимовски граѓаните се принудени да поминат километри за да завршат некоја работа од еден сектор во друг. На врвот на лагите и празните ветувања од Стевчо Јакимовски се и ветените пет базени за учениците од основните училишта „Аврам Писевски“, „Владо Тасевски“, „Братство“, „Петар Поп Арсов“ и „Х.Т Карпош“. Учениците останаа без нив – изјави Спировски
Според него веќе 2 години се манипулира и со бесплатните ужини и екскурзии за основците кои учат во Карпош. Се воведуваат само за една генерација годишно.
– Како и својот коалиционен партнер, Никола Груевски, и Стевчo Јакимовски има остварено нешто неветено. На граѓаните на Тафталиџе Јакимовски не им вети пробивање на три сервисни улици кои навлегуваат во имотите на десетици семејства и сериозно се закануваат да срушат дел од постојните куќи. Но токму ова се предвидува со последните измени на Деталниот урбанистички план – обвини советникот од редовите на опозицијата.
На обвинувањата, реагираше општината која на својот сајт објави соопштение во кое советникот Спировски го нарекува „полуанонимниот советник и веројатно второразреден абдоминален хирург на кого врвен дострел во неколкудецениската кариера му е да закрпи некоја кила, да извади слепо црево (под услов да не е воспалено) или некому, кој баш сака да рескира со своето здравје, да му извади и жолчка“.
– Човек кој поради деструктивноста е изолиран од својата фела, таа деструктивност очигледно ја пренесе и во советничката група на СДСМ во Карпош. Иван Спировски, по се изгледа колку го бива за хирург, толку го бива за политика. Тој несомнено, освен со карактерот има проблем и со сетилата за слух и вид, па упорно турка извествени фрази на неговата партија. Тој не гледа дека новата општинска зграда продолжува да се гради, а и тоа дека градоначалникот Стевчо Јакимовски јавно ги поддржа граѓаните од Тафталиџе во напорите да не им се одзема дел од нивните дворови за изградба на сервисни улици. Што се однесува до исполнувањето и несиполнувањето на дадените ветувања, токму градоначалникот Стевчо Јакимовски е познат меѓу граѓаните по своите остварени ветувања, а токму СДСМ ја изгуби власта и довербата меѓу граѓаните поради неостварените ветувања. Едно од таквите епохални ветувања беше и она дека ќе вработеле по еден член од секое семејство – се вели во општинското соопштение.