Управа за извршување на санкциите: Небулози и невистини од „Хелсиншки“

by Фокус 18:25
18:25

Управа за извршување на санкциите попладнево ги демантираше како невистинити наводите изнесени  во соопштението на Хелсиншкиот Комитет во кое невладината тврди дека осудените и притворените лица во Затворот Куманово пијат фекална вода.

– Во Затворот Куманово се обезбедени сите меѓународни стандарди за извршување на казната затвор, а установата се снабдува со безбедна санитарна вода за потребите на осудените лица, од бунар во непосредна близина (околу 800 метри )до установата. Од бунарот водата се доведува до резервар во кој е вграден посебен систем за хемиско и бактериолошко пречистување на водата односно хлорирање. Последните анализи направени од страна на ЈЗУ Центар за јавно здравје  11 Октомври Куманово покажуваат дека на основа на резултатите од извршените испитувања и стручната анализа, испитаниот примерок на  вода за пиење  земен од чешма во установата одговара за употреба согласно прописите за безбедност – велат од Управата.

- Advertising -

Оттаму заклучуваат дека презентираните стручни наоди од Хелсиншкиот комитет се однесуваат на неидентификуван извор, од кои што Затворот Куманово не се снабдува со вода.

– Хелсиншкиот комитет во поткрепа на изнесените невистинити наводи можел да злоупотреби било какви анализи на примероци земени од неидентификувани места и на начин спротивен на стандардите за земање примероци, што истото го прави нерелевантно. Во однос на канализациската мрежа ја известуваме јавноста дека во комплексот на Затворот Куманово изградена е пречистителна станица, што наводите на Хелсиншкиот комитет дека во Затворот Куманово не постои канализациски систем, односно има септички јами ги прави во целост неточни и злонамерни.  Целосна небулоза и невистина е тврдењето на извршниот директор на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, дека осудените лица ја купуваат водата за пиење и ја плаќаат по поскапа цена од пазарната односно за 30 денари. Ако г-та Пировска сакала објективно да ја информира јавноста можела да се обрати до установата која ќе и достави докази за набавка на сите производи по пазарна цена, а конкретно водата се набавува  по цена од 17 денари – велат од Управа за извршување на санкциите.

Поврзани новости