СДСМ: Фирмата сместена во куќата на Јанакиески добила тендер во четири очи?!

by Фокус

Германската фирма „Лудвиг Фајфер“ која е сместена во куќата на министерот Миле Јанакиески, во Прилеп,  тендерот за изградба на Пречистителна станица во Прилеп го добила во директна спогодба, откако претходно тендер за станицата бил поништен, информираше денеска Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

– Каде и да се чепне во случајот со странската фирма во куќата на министерот Јанакиески, скандалот станува поголем. Не само што фирмата „Лудвиг Фајфер“ е кираџија во куќата на министерот Миле Јанакиески. Не само што на оваа фирма лично вицепремиерот за финансии Ставрески и потпишал договор во 30 милионскиот бизнис Пречистителна станица Прилеп. Овие официјални документи објавени на страницата на Европската унија откриваат дека Владата на Груевски и го дала бизнисот на германската фирма во дирекна спогодба, рече Шилегов.

Презентирајќи документи, тој рече дека на тендерот се јавиле дури четири заинтересирани фирми, но вицепремиерот Зоран Ставрески го потпишал договорот со фирмата чие што седиште е на имотот на министерот Јанакиевски.

– Сето ова се случува откако тендерот еднаш е поништен. ИПА Извештајот за 2012 година открива скандалозни информации зошто. Еве го тој документ, во којшто е наведено: „Проектот за Пречистителна станица во Прилеп се соочи со дополнителни задоцнувања во тендерската фаза во 2012 и Делегацијата на ЕУ конечно мораше да ја откаже евалуацијата, поради постоење сериозна загриженост за прекршување на доверливоста на процесот, истакна Шилегов.

kuka2

Тој иронично додаде дека по поништувањето на тендерот и отворената постапка за нов, случајно германската фирма, добитник на милионскиот бизнис е регистрирана на имот на министер во Владата на Никола Груевски, во случајов Јанакиески.

-Случајно Ставрески го склучил договорот со таа фирма. Случајно договорот бил склучен со постапка на преговарање, што значи зделка во четири очи. Случајно министерството со коешто раководи Јанакиески е едно од одговорните за управување со средствата од кои се финансира Проектот. Случајно проектот ја закупил куќата на Јанакиески. Случајно на оваа куќа нема никаква информација дека таму работи некоја фирма, искоментира Шилегов.

Тој покажа и фотографии од куќата на министерот Јанакиески во Прилеп.

kuka

-На неа, можеби во контекст на сите случајности, никаде не се гледа табла што би упатила на тоа дека овде има простории на фирма. Груевски, Ставрески и Јанакиевски треба веднаш овие “случајности“ да им ги објаснат на граѓаните на Република Македонија. Партизираните институции трети ден молчат – порача портпаролот на СДСМ.

 

 

Поврзани новости