СДСМ: Еколошките такси се неизбежен дел од политиките за здрава и чиста животна средина

by Fokus

Владата предводна од СДСМ и премиерот Зоран Заев останува силно посветена на инвестиции во еколошки, обновливи извори на енергија. Во таа насока, еколошките такси се неизбежен дел од политиките за здрава и чиста животна средина, велат од владејачката СДСМ.

„Преку нив се поттикнува употребата на поеколошки енергенси во секојдневието, а во исто време се собираат средства за зелени инвестиции кои потоа имаат повеќекратен и долгорочен ефект за економијата.

Зелената такса се воведува во време кога се укинуваат 3 денари дополнителна акциза која беше воведена кога цената на нафтата беше најниска.

Важно е да се истакне и дека висината на еколошката такса се разликува од дериват до дериват и дека највисоката такса се планира за деривати кои најмногу ја загадуваат животната средина, како што се бензинот, дизелот, екстра лесното масло и мазутот, за кои е предвидено таксата да изнесува 3,5 денари по литар, додека за безоловниот бензин, таксата да биде 3,1 денар.

Проекциите говорат дека на овој начин во Буџетот на годишно нивно ќе се обезбедат меѓу 50 и 55 милиони евра, средства кои ќе се искористат за нови зелени проекти, инвестиции во обновливи извори на енергија, во енергетска ефикасност и слично.

Борбата против загадувањето неизбежно резултира со финансиски последици. Не смее да се занемари фактот дека справувањето со последиците од загадениот амбиентален воздух врз здравјето на луѓето е значително поскапо.

Лажни се обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека ова е кризен данок. Овие такси ќе бидат наменети исклучиво за зелени инвестиции и зелени работни места, со што ќе се придонесе за економски раст и за почиста животна средина.

На овој начин дополнително го унапредуваме енергетскиот сектор, затоа испраќаме апел до сите пратеници во Собранието да дадат поддршка за законските измени кои носат придобивки за државата, енергетиката, за животната средина и квалитетот на животот на сите граѓани“, додаваат од СДСМ.

Поврзани новости