Најголем број од актуелните градоначалници на СДСМ во скопските општини нема да бидат кандидирани за уште еден четиригодишен мандат на следните локални избори, вели за Фокус извор од врвот на владејачката партија.
-Од сите 8 градоначалници, само еден или двајца имаат шанси повторно да бидат кандидати. Така коментираат граѓаните и толку сработиле – ни изјави висок функционер на СДСМ, кој е дел од најтесното партиско раководство.
Во рамки на Скопје, социјалдемократите имаат градоначалници во: Центар (Саша Богдановиќ), Карпош (Стефан Богоев), Кисела Вода (Филип Темелковски), Аеродром (Златко Марин), Ѓорге Петров (Александар Наумовски), Бутел (Велимир Смилевски), Гази Баба (Борче Георгиевски) и Шутооризари (Курто Дудуш).
Нашиот соворник вели дека ниту еден од нив не е сигурен кандидат за уште еден мандат, со тоа што, истакнува тој, еден или евантуелно двајца, според досега постигнатите резултати во дадени услови и околности, имаат шанси да го минат внатрепартискиот филтер и да избијат на врвот на внатрепартиските анкети.
-Некои од нив покажаа иницијатива и желба во потешки околности, во општини со помал буџет и посилни политички опструкции, додека други беа под очекувањата иако имаат подобар терен за работа – вели нашиот соговорник, без да се впушта во коментари за конкретни имиња.
Што се однесува до градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, тој веќе отворено пројави амбиција за уште еден мандат, меѓутоа, според неофицијални информации, во сериозна конкуренција за скопски градоначалник е и Душко Весковски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ и воедно организациски секретар на СДСМ.
Сепак, Весковски, кој се споменуваше и како можен министер за транспорт и врски после последните парламентарни избори, ги отфрла ваквите информации, истакнувајќи дека има одлични односи со Шилегов и дека е посветен на директорската функција во јавното водоводно претпријатие.
В.С.