Господине Никола Груевски, со оглед на тоа што вие сте по потекло од Крушоради, Егејска Македонија, дали вие сте анонимниот донатор на петте споменици, праша денеска потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски на пресконференција во Скопје.
– Во тек се градежни работи за поставување на дел од петте споменици кои Градот Скопје ги прими од Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија. И преку медиумите и на седниците на советот СДСМ поставуваше повеќе конкретни прашања поврзани со потеклото, вредноста и со изворите на финансирање за овие споменици. Но, досега не добивме никаков одговор ниту од градот, ниту од анонимното здружение – објасни Манчевски.
Но, како што вели тој, СДСМ смета оти вистинската адреса за одговори на сите овие прашања е лично Никола Груевски.
– Колкава е вредноста на донацијата на Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради од Лерин? Кој е авторот на спомениците кои очигледно се веќе изработени? Кои се изворите на финансирање на Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради од Лерин? Кои се досегашните активности на Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради? Ајде нека одговори оној кој што навистина стои зад проектот Скопје 2014 – потенцираше потпретседателот на СДСМ и советник во Советот на Град Скопје Дамјан Манчевски.