Тринаесет години од загинувањето на македонските резервисти кај Карпалак

by Фокус

Точно пред 13 години на овој ден, во 9.30 часот, десет припадници на безбедносните сили на Република Македонија беа убиени, а тројца повредени во нападот што припадниците на ОНА го извршија врз воениот конвој кај местото Карпалак на автопатот Скопје – Тетово.

Конвојот бил нападнат од заседа за време на конфликтот во 2001 година.

Во нападот животот го загубија Нане Наумовски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски, сите од резервниот состав на АРМ од гарнизонот Прилеп.

Делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Македонија составена од министерот Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, ќе положи венци со свежо цвеќе пред спомен-плочата во месноста Карпалак.

Пo истиот повод, делегација на Владата предводена од Владимир Пешевски, заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања, а во чиј состав се и Спиро Ристовски, заменик министер за образование и наука и Драган Недељковиќ, заменик министер за култура, ќе положи свежо цвеќе на месноста Карпалак.

Поврзани новости