Прв пат кога се чепка земјиште газдата треба да биде тука, му вели изведувачот на новинарот Драган Павловиќ – Латас во првата „бомба“ која беше презентирана денеска во судот во предметот Тревник.
Во овој разговор, Латас и изведувачот договараат детали околу изградбата на викенд- куќите, при што изведувачот му кажува пример каде во еден случај почнал со изградба на објект во Волково од сто и нешто квадрати, а завршил со објект од четрстотини квадрати. Притоа, се споменува и изградба на базен во рамки на куќата Зелениково.
Одбраната го спори телефонскиот разговор како ирелевантен доказ.
-Ако ова е доказот иако не покажува никакво инкриминирано дејство се поставува прашањето за надлежноста на СЈО да го претставува овој предмет. Овој телефонски разговор јавно не беше објавен на прес конференција од СДСМ. Се поставува прашањето како е прибавен, имајќи во предвид дека за Латас во јавноста излегоа многу снимки необјавени од СДСМ па тука се поставува прашањето дали снимките се прибавени во законска процедура или се прибавени на незаконит начин како што и на незаконит начин се снимани – рече адвокатката Анита Бегова.
Претходно, судот го одби барањето на одбраната јавноста да биде исклучена при преслушување на два од 137 разговори затоа што, како што образложи судот, јавниот интерес преовладува над приватниот. Сепак, судот го профати предлогот јавноста да биде исклучена на почетокот од двата прислушувани разговори, додека да биде присутна во делот кој претавува доказ во прилог на обвинението.
М.В.