Потпретседателот на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО), Здравко Савески, во изјава за Фокус вели дека реизбраниот претседател на ССМ, Живко Митревски ќе биде запомнет по тоа што тој ниту во една прилика, ниту со најумерени зборови не се произнел негативно по ниту една владина мерка.
– Со своето упорно и тврдоглаво бранење на владините политики, тој си создаде негативна слика кај работниците и за себе, но и за целиот синдикализам во Македонија. Веројатно е и свесен дека со своето делување му штети на угледот на сите синдикати, но веројатно тоа и му е намерата: работниците да не ја повратат својата верба во синдикатите како организации за заштита на работничките интереси и да не можат успешно да се спротивстават на намалувањето и кршењето на нивните права, изјави Савески.
Но, тој смета дека работите на синдикален план веќе почнале да се подобруваат со тоа што се појавуваат нови синдикати кои вистински се залагаат за заштита на работничките права.
-Сепак, на синдикалната сцена во Македонија веќе се појавуваат нови синдикати кои ги менуваат работите на подобро. Нивната работа веќе се забележува помеѓу работниците и прашање на време е кога квази-синдикалните лидери целосно ќе бидат потиснати од сцената од овие нови синдикати, рече Савески.
Од вкупно 113 делегати, на денешниот конгресот за избор на претседател на ССМ присуствуваа 98 и од нив сите гласаа за Митрески, кои беше едниствен кандидат. Останатите го бојкотираа изборот, бидејќи сметаа дека тој е нелегитимен, затоа што Претседателството и Советот на ССМ не дозволија Митревски да има против-кандидати.