Самсоненко за „Фокус“: Ќе ги исплатам ракометарите, Панчев не сакам да го коментирам!

by Fokus

Откако неколку поранешни ракометари на актуелниот европски првак Вардар јавно порачаа дека им се должат неколку плати, сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко за „Фокус“ даде ветување и „ветер во грб“.

„Јас ја превземам обврската да ги исплатам сите долгови на сите ракометари во оваа 2020-та година. Од државата добивме спортски ваучери како и секој клуб регистриран и освен тоа, Вардар не доби ништо повеќе“, порача Самсоненко.

Пред неколку дена, фудбалската легенда Дарко Панчев во интервју за Би-Би-Си на српски, даде свој став за состојбата на ракометот во Европа, а со тоа индиректно порача дека нема високо мислење за неверојатниот успеси на РК Вардар.

„Кој во Европа воопшто гледа ракомет? Да се споредува ракомет со фудбал е како да споредувате професор од средно училиште во Скопје со Ајнштајн. Нашите луѓе се гладни за успех. Да играме во европско финале во куглање, ќе имаме полна сала“, рече Панчев во интервјуто.

Запрашан за изјавата на Панчев, Самсоненко само кратко одговори:

„Изјавата на Дарко Панчев не ја имам прочитано и сметам дека јас не сум тој кој што би требал да ја коментира. За ова би требало да се обратите кај него“, додаде рускиот бизнисмен.

Јорданчо Цветаноски

Фото: Томислав Георгиев

Поврзани новости