Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој се најде на црната листа на САД, неодамна ја изгуби и правната битка за луксузниот плац на Водно, за кој тврдеше дека е негов, а не на екс премиерот Никола Груевски.
Ниту Апелација не му поверува дека имотот кој се наоѓа над ,,Панорама” на Водно, го купил за тој да гради куќа, туку ја потврди тезата на обвинителката Лиле Стефанова дека станувало збор за фиктивна продажба, со цел да не се дознае вистинскиот сопственик Груевски.
Поточно, меѓу одземениот имот со пресудата за ,,Плацеви на Водно”, е и земјиште, во местото викано Шербетница, за кој зборуваа Груевски и Миле Јанакиески во ,,бомбите”. Екс премиерот овој имот го купува со партиски пари.
Подоцна, за него рускиот бизнисмен Самсоненко во судница тврдеше дека е негов и дека го купил за да гради куќа. Според него купопродажбата била направена во 2019 година.
– Барав голем плац за да изградам куќа за мојата фамилија. Не можев да најдам бидејќи барав над 5.000 квадрати. Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Јас разгледував и го одбрав. Договорот беше да го исплатам за три години и го исплатив и пред време. Платив 110 милиони денари – велеше Самсоненко.
Но, обвинителството тврдеше дека и овој плац е во тајна сопственост на Груевски, кој го купил со 1,3 милиони евра партиски пари. Потоа, според обвинението, и пресудата, плацот сменил неколку сопственици, со цел да се тргне погледот од тогашниот премиер.
Сѐ почнало во летото 2012 година, кога Ристо Новачевски, по барање на кумашинот Груевски, основал фирма-ќерка во Скопје, „Сирах инженеринг“, за преку неа да ја изврши купопродажбата.
По објавата на „бомбите“, од кои се дознава дека сопственик е Груевски, се прави обид да се прикрие вистината, па Новачевски ја пренесува сопственоста на друго правно лице.
Поточно, според документите од Централен регистар, уделот во „Сирах инженеринг“ го купува „Орка“, во сопственост на Камчеви, а поголемата парцела се цепка на три помали. Со големина од 4.470, 750 и 4.923 квадратни метри шума.
Потоа газда станува Друштвото за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери „Лајф кеар центар“. До јуни 2019 година, оваа компанија била на бизнисменот Камчев, а потоа управител и сопственик станува Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Самсоненко.
По првостепената пресуда за „Плацови на Водно“, со која се наложи конфискација и на овој имот, рускиот бизнисмен поднесе жалба. Сепак, неодамна му стигна абер и од Апелација, според кој останува со празни раце, бидејќи и второстепениот суд е убеден дека тој бил само фиктивен сопственик.
,,Недозволено е стекнување имотна корист на противправен начин, што подразбира дека задолжително се одзема имотот и имотната корист прибавени со сторување на кривично дело. Во спротивно, пропуштањето да се одземе имотната корист прибавена со дејствија кои значат остварување на законското битие на кривично дело, би значело легализација на стекнувањето имотна корист на противправен начин“, се наведува во пресудата.
Според судиите, не држи тврдењето на Самсоненко дека не знаел дека имотот е стекнат незаконски, бидејќи како што потенцираат, тоа било познато уште во 2015 година, кога беше обелоденето дека недвижниот имот е стекнат на незаконит начин.
Валентина Вурмо