(АРХИВА) Рускиот бизнисмен Самсоненко судски го врати одземеното одобрение и почна да гради приватна болница во комшии на „Жан Митрев“!

Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина се најновите имиња кои се најдоа на црната листа на САД, објавена денеска. Меѓу компаниите кои се опфатени со санкциите се заедничката обложувалница на Самсоненко и Камчев „Бет Сити“, потоа „Орка Холдинг“, „Камчев Консалтинг“, „Орка Фајнанс“ и „Систина лајф кер центер“. „Фокус“ веќе подолг период се занимава со сите овие фирми управувани, токму од оние кои се најдоа на црната листа на САД...

by Fokus

Текстот е објавен на 5 мај, 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1439

Во непосредна близина на клиниката на Жан Митрев и на Градската Болница „8 Септември“ се наоѓа плац во сопственост на „Сис Хоспитал“, која во 2018 година преминува од „Орка“ во рацете на Сергеј Самсоненко. Пред неколку години, оваа компанија доби забрана за градба на приватна болница од Општина Карпош и Министерството за транспорт, бидејќи го пропуштила законскиот рок. Но, според сознанијата до кои дојде „Фокус“, друштвото повело спор пред Управниот суд, каде што успеало повторно да ја активира дозволата, а на терен може да се види дека веќе се одвиваат градежни активности

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Повеќе од три години „Фокус“ ја истражува бизнис-империјата што низ годините ја гради семејството Камчеви, предводено од бизнисменот Јордан Камчев, чие име веќе две децении е едно од најизвиканите во јавноста, почнувајќи од неговата кратка политичка кариера, преку неговите бизнис-зафати, па сѐ до кривичните дела што му се товареа на грб.

Кога пред пет години „пукна“ случајот со кодно име „Империја“, во чии рамки Јавното обвинителство тврдеше дека биле испрани 10,5 милиони евра, како еден од осомничените се појави Камчев, кој заврши зад решетки во затворот Шутка.

Во решението за притвор, кое беше образложено на повеќе страни, се наведуваше дека бизнисменот, освен во Македонија, има фирми и во Бугарија, Русија, Србија и во Хрватска, како и офшор-компании во даночните раеви.

Откако во јавноста се појави еден од најобемните случаи на СЈО, во периодот од мај до декември 2019 година, Камчев постепено почна да излегува од компаниите, односно неговото име повеќе не фигурира на хартија, ниту како сопственик, ниту како управител.

Затоа, пак, како сопственик остана да фигурира во клучната фирма „Орка Холдинг“, која како мрежа продолжува да се шири, па од 2006 година наваму под нејзино сопствеништво се многу други компании со различни дејности.

Оваа фирма е во сопственост на семејството Камчеви, кои во документите се појавуваат како неизвршни членови во одборот директори. Меѓутоа, според последните промени, македонскиот бизнисмен не е евидентиран како неизвршен член, туку на негово место е Ванче Мијалчев, кој се водеше како извршен директор на градежната компанија „Бетон Штип“.

Без разлика дали е на слобода или кога беше и зад решетки, бизнисот на Камчеви не трпеше. Уште посилно работеше, турбо никнуваа фирми, а како што веќе објавивме, тој во близина на „Аџибадем-Систина“ планира да гради педијатриска болница и Медицински факултет. Но, дали тоа е?

УШТЕ ЕДНА ПРИВАТНА БОЛНИЦА

Уште едно атрактивно земјиште, кое порано беше во сопственост на Камчеви, а во меѓувреме, поточно во 2018 година заврши во рацете на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, се наоѓа во близина на болницата на кардиохирургот Жан Митрев, во кругот на Градската болница „8 Септември“.

Сега се актуализира прашањето дали на таа локација ќе се исполни првично замислената идеја – изградба на нова болница со приземје и пет ката?

Според катастарската евиденција, се работи за катастарска парцела 1814/3, каде што носител на сопственичкото право е компанијата „Сис Хоспитал“ (поранешна „Систина Фармација“) преку имотен лист 80591.

На оваа локација се предвидува изградба на објект со намена В2, со што се означува здравство и социјална заштита, односно тука влегуваат сите видoви клиники, амбуланти, клинички центри, болници, здравствени домови…

Имено, ваква маркичка е вцртана во Деталниот урбанистички план донесен од страна на Советот на Општина Карпош пред десетина години, односно на 6 ноември 2013 година, во време кога со оваа скопска општина управуваше актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски.

Само една година подоцна, односно во 2014 година, компанијата „Систина Фармација“, која, според документите од Централниот регистар, е основана во 2010 година, ја купува парцелата од 11.207 квадратни метри кај старата Воена болница, меѓу булеварите Партизански одреди и Илинден.

Во тој период, како сопственик на фирмата се води „Систина Медикал“, додека како управител фигурира извесна Ѕвездана Димовска, чие име неколку години понатаму се провлекува во органите на друштвото.

За ова земјиште се наддавале три компании, а најповолниот понудувач го добил по цена од 3.060 денари по квадратен метар, така што вкупната зделка чинела 557.616 евра.

Одобрението на градба на оваа градежна парцела со број 5.3 било издадено во 2014 година, но и по 4 години, градбата сѐ уште не била почната, па оттука почнуваат и проблемите со надлежните институции, од причина што законскиот рок за почнување на градба е лимитиран на 2 години.

Во тој период, Министерството за транспорт и врски и скопската Општина Карпош забрануваат да се гради, но Управниот суд ја поништува забраната поради нецелосна документација.

Според пресудите до кои дојде „Фокус“, тужителот „Сис Хоспитал“, која до 2018 година го носи називот „Систина Фармација“, преку адвокатското друштво „Менкиноски“ поднесува тужба до Управниот суд против решението на Министерството за забрана за градба од 12 февруари 2021 година.

Воедно документите покажуваат дека на седницата на Советот одржана на 10 јуни истата година се носи пресуда во корист на оваа фирма, која во меѓувреме преминала во сопственост на рускиот бизнисмен Самсоненко.

Тужителот СИС Х, преку полномошник адвокатско друштво „М.“, изјавена против Решението на Министерство за транспорт и врски, со кое им била одбиена како неоснована барањето за одобрението за градење УП1.бр.35-827.

Судот најде дека со ургенција се обрати до тужениот орган за да ги достави списите на предметот од 25.03.2021 година, под УП2.бр.35- 18/2020 од 12.02.2021 од тужениот орган да достави комплетно списи што се однесуваат на предметот, по кое тужениот орган не постапил, списите не ги доставил.

Судот, ценејќи дека се исполнети условите од членот 29 став 3 од Законот за управните спорови да одлучува по предметот и без списи, најде дека: Тужбата на тужителот е основана“, се наведува во образложението од Управниот суд.

ПАРАЛЕЛЕН УПРАВЕН СПОР

Паралелно со тоа, компанијата на Самсоненко води уште еден спор во Управниот суд, во врска со објектот што веќе почнал да се гради на оваа локација. Целата оваа институционална битка се случува во 2021 година, кога се изрекува и привремена мерка.

Според документите со кои располагаме, Управниот суд го одбива предлогот на „Сис Хоспитал“, во кој тие бараат да се забрани на Министерството за транспорт и врски да донесе акт, со кој ќе биде наложено на тужителот да ја отстрани градбата, односно да го врати во првобитна состојба градилиштето сѐ до правосилност на одлуката.

Во овој случај, Управниот суд ја отфрла жалбата по што компанијата оди на повисоко ниво, па против нивното решение поднесува жалба и до Вишиот управен суд.

Според документите, Советот составен од тројца судии, на одржаната седница на 17 ноември 2021 година ја потврдува првостепената одлука на Управниот суд и ја одбива жалбата на компанијата како неоснована.

Во конкретниот случај, тужителот на ден 24.08.2021 година до Управниот суд поднел тужба против Решението на Министерството за транспорт и врски УП2.бр.35-18/2020 од 27.03.2021 година, со кое решение во став 1 се уважува жалбата на „Сис Хоспитал“ и се поништува Решението на градоначалникот на Општина Карпош бр.22-167/9 од 16.11.2020 година.

Во став 2, жалбата на Друштво за трговија и услуги „Сис Хоспитал“, изјавена против Решението бр.22-167/4 од 14.05.2020 година на градоначалникот на Општина Карпош се одбива како неосновано“, се наведува во решението од Вишиот управен суд.

„Фокус“ се обрати и до адвокатот кој во тој период ја застапувал компанијата, поточно до Тони Менкиноски, кој го прашавме дали фирмата предводена од Самсоненко во моментот има активно одобрение за градење?

– Не можам да ви одговорам. Јас не сум одамна адвокат во тој предмет –  ни врати кратко Менкиноски.

Но, за разлика од нив, од самата фирма ни потврдија дека има активно одобрение за градба и дека во моментот таму веќе се одвиваат градежни активности.

Целата оваа приказна поврзана со тужби, забрани и привремени мерки почнува уште во времето кога со скопската Општина Карпош управува Стефан Богоев од редовите на СДСМ.

Тие како општина го поништуваат решението за градба поради поминат рок од 2 години за почнување со градба. И од тука почнуваат и препукувањата.

Ние како општина, не по две, туку по три години го поништивме одобрението за градба и тие оттогаш почнаа да градат. До тогаш немаше ништо – вели во изјава за „Фокус“, Богоев.

Во меѓувреме, додека траат сите правни разврски, на атрактивното земјиште бил изграден одреден објект во периодот додека немал одобрение за градба.

Според информациите со кои располагаме, инспектор го посетил местото и ставил жолта лента дека е затворено. Сепак, компанијата повела кривична пријава против поранешниот градоначалник на скопски Карпош, кој бил повикан и на разговор во обвинителство.

КАКО ФИРМАТА ГО ПРОМЕНИ ГАЗДАТА?

Која е компанијата што го поседува плацот каде што се предвидува изградба на нова приватна болница, во непосредно соседство на клиниката на Жан Митрев и поранешната Воена болница?

Како што веќе напишавме, ова друштво е формирано уште во 2010 година за неспецијализирана трговија на големо, па до 2018 година го носи називот „Систина Фармација“.

Обемниот историјат на промени, кој брои цели 54 страници, покажува дека за целиот овој период биле направени многубројни промени на сопственици и управители.

Така, во сопственичката структура на друштвото се менуваат „Орка Холдинг“, „Систина Нефроплус“, „Си-Фи Кар“, „Монт“…

Она што треба да се издвои е дека кон средината на 2018 година доаѓа до промена и на називот на фирмата, но и промена на сопственичката структура. Па, така компанијата добива ново име – „Сис Хоспитал“, каде што и како сопственик и како управител се јавува рускиот бизнисмен Самсоненко.

Тој во јавноста е познат и како близок пријател и бизнис-партнер на бизнисменот Камчев, за што самиот потврдува во интервју дадено за „Фокус“ во ноември, 2019 година.

Точно е дека Камчев ми е најдобар пријател, гледам многу луѓе го напаѓаат. Не сакам да го бранам, но за него има погрешна слика од тоа што го знам за него во реалноста.

Јас сум сигурен дека сликата за него во јавноста е погрешна. Нападите кон него се некоректни, сите имаат право на свој став, но тие да се базираат на објективност – тврдеше тогаш рускиот бизнисмен.

Подоцна се регистрирани уште неколку промени, но тие се однесуваат само на седиштето на фирмата, која се сели од фамозната адреса Скупи бр. 3 А на 1732 бр.2А во скопски Центар.

Патем речено, „Систина Фармација“ или денешна „Сис Хоспитал“ се формира со основачки влог од 5.000 евра, додека подоцна со текот на годините главнината се зголемува, а кога компанијата оди во рацете на рускиот бизнисмен, вкупниот паричен влог е 2,7 милиони евра.

Според финансиските извештаи, во 2016, 2017 и во 2018 година, компанијата покажува поголем обрт на средства, кој во овие 3 години се движи меѓу 62 и 76 милиони денари, но потоа од 2019 година се забележува пад, односно се остваруваат приходи од само 5 милиони денари и истата година прават загуба од 4 милиони денари.

Екипата на „Фокус“ го посети местото каде што е планирана изградбата. Притоа, на самото место може да се забележи дека плацот е ограден со тараби и дека во внатрешниот простор веќе се почнати одредени градежни активности.

Поточно, изграден е и објект, чија намена сѐ уште не може целосно да се дефинира. Сепак, тоа што боде очи е дека од двете страни просторот е опколен со приватната болница на кардиохирургот Жан Митрев, кој моментално е на обвинителна клупа за измама на пациенти.

Од „Сис Хоспитал“ ни потврдија дека на локацијата ќе се гради болница за нега, која, како што велат, треба да биде готова до 2024 година.

Поврзани новости