Интервјуто е објавено во „Фокус“ број 498, на 14 јануари 2005 година
Познатиот скопски новинар Миленко Неделковски, 2004-та ја заврши како осуден на три години затвор за измама. Звучи парадоксално што токму пресудата му донесе и слобода. После седум и пол месеци поминати во притвор, Миленко дури како осуден излезе на слобода и сега ќе може слободно да ја подготви својата оддбрана и во жалбената постапка да ги понуди своите докази и сведоци.
И после толку месеци поминати меѓу четирите ѕида во „Шутка“, делува смирено. Тоа го објаснува со добрите цимери во ќелијата. Но и со „правилото“ – додека си во затвор да избегнуваш да размислуваш за три работи: колку глупаво си влегол таму, кога ќе излезеш и за својата фамилија.
Сега со уште поголема доза упорност сака да го доврши и проектот што притворот го прекина – нов дневен весник. За искуствата и животот во „Шутка“ планира да напише и книга или сценарио.Во интервјуто за „Фокус“, Миленко, кој инаку е и фудбалски судија, говори за апсурдите на нашиот судски и казнен систем, за деновите во притворот, за шансите на Македонија..!
ФОКУС: Како еден познат спортски новинар заглави во притвор?
НЕДЕЛКОВСКИ: Осуден сум за измама на 3 години затвор, меѓутоа, за еден човек да се прогласи за виновен треба пресудата да е правосилна. Во рамките на законот на оваа држава постојат институции и процедури преку кои треба да се стигне до правдата. И јас ја барам правдата. Поднесов жалба и мислам дека сега ќе можам да го докажам сосема спротивното од она за што ме обвинуваат. Како дојде до сето ова? Бидејќи бев 7 и пол месеци во истражен затвор, тешко дека можам одвнатре да знам што всушност се случувало и како било. Можам да имам само претпоставки. Накусо имам пријател Американец, кој е адвокат по имиграционо право. За тоа има и регистрирано фирма, а има и претставништва во повеќе делови во светот. На Балканот работеше не само во Македонија, туку и во Бугарија, Србија, Хрватска. Дојде тука во Скопје, правеше семинари и се јавија многу клиенти кои сакаа да заминат во Америка. Со тоа што добивањето американска виза е сериозен процес. Во случајов не стануваше збор за туристичка виза. Знаете Америка е земја која се заштитува себе си по секоја основа. Има десетици најразлични врсти на визи. Од тука секако е дека во случајов имало и незадоволни луѓе кои не добиле виза. Меѓутоа мене ми се случија и некои други работи, кои сега кога сум веќе надвор, ќе се обидам да ги анализирам. Имено, минатата година, во февруари бев повикан или однесен од полицијата на информативен разговор. На крајот со возило бев однесен во станицата во Делчево.
ФОКУС: Зошто во Делчево? Дали таму имате нешто со Вашата фирма?
НЕДЕЛКОВСКИ: Со мојата фирма не сум имал ништо таму, но година и нешто бев управител на фудбалскиот клуб „Брегалница“ од Делчево. Ме распрашуваа за работата со клубот. Всушност ми поставуваа прашања за кој јас немам одговори и не знам, а и да знам не би одговорил. Поминав еден ден во полициската станица односно претпладнето отидов и попладнето се вратив. До тој момент само два клуба во Македонија имаа целосна и легална приватизација: „Беласица“ од Струмица на Бата Ване и „Брегалница“ од Делчево на Кире Банана. Делчевскиот клуб беше продаден на еден скопски холдинг – и јас станав Управител, по старото Претседател, на тој клуб. Клубот играше во прва лига, имаше подготовкиво странство, 5 странски фудбалери и слично. Претпоставувам дека полицијата беше во „филм“ дека тука има малверзации во приватизацијата и препродавањето на клубот, дека има перење на пари и слично. Нормално влегувањето во првата лига и приватизацијата на делчевскиот клуб беше поврзувана со Љубчо Георгиевски. Сето тоа, заедно беше убав материјал доколку некој сака да си направи сценарио. Бидејќи немаше ништо од сето тоа, немав некој особени грижи. Од друга страна, бев свесен и знаев, дека двајца инспектори од ПС „Пролеќе“ подолго време го исптитуваат случајот „визи“, но не обрнав многу внимание на тоа.
ШТО ЌЕ ТИ Е ДНЕВЕН ВЕСНИК?
ФОКУС: Ова говори дека целта на испрашувањето е личноста, а не делото?
НЕДЕЛКОВСКИ: Не знам. Ви велам дека сега ќе почнам да ги истражувам работите, да ги склопувам камчињата. Сепак јас во оваа држава не сум вчерашен. Знаев дека се рашетани двајца инспектори низ Македонија и одат по т.н. клиенти на адвокатот, мојот пријател, Американецот со кој што имаат потпишано договори и притоа бараат да потпишат изјави против мене. Значи знаев за ова, но не обрнав внимание. Кога дојдоа да ме викнат на информативен разговор, јас отидов. Ја викнаа и директорката на мојата приватна фирма, која фирма, меѓу другото има и опрема за бинго. За да можете да организирате бинго и игри на среќа треба да имате спортско друштво. И тој услов го исполнував. Јас имено го реактивирав одамна згаснатото, а прославено Спортско друштво „Граѓански“. Што значи сѐ беше според законот. Кога отидов на информативниот разговор, најнапред бев прошетан низ три полициски станици. Ова се случуваше во мај. Прво бев одведен во полициската станица „Бит пазар“, па во „Карпош“, па ајде во „Пролеќе“. Се менуваат полицајците, едни, други, трети. Не кажуваат ништо.
ФОКУС: Не знаевте зошто сте повикани?
НЕДЕЛКОВСКИ: Не знаев зошто. Само ми земаа податоци. Адвокат немаше. По извесно време ме прашаа дали сакам да викнам адвокат и така почна да се отвора клопчето. Меѓутоа, пред да дојдат моите адвокати, еден од инспекторите, имиња не ги знам, никој не ми се претстави, но фаците ги паметам, повторно ја актуелизира темата околу тоа дали можеби нешто знам за ФК од Делчево и газдите на клубот. Но како гром од ведро небо ме удри, кога еден од нив ми рече: „Добро, а што ќе ти е, ти да отвораш дневен весник“! Се изненадив бидејќи веќе шест месеци бев во подготовки за отворање дневен информативен весник, со име, со лого, со структура, со луѓе, со канцеларии.
ФОКУС: Работата со весникот беше во поодмината фаза?
НЕДЕЛКОВСКИ: Всушност весникот веќе требаше да биде излезен, но од разни прочини стартот постојано беше пролонгиран. Во секој случај, мислев дека за овој проект не знаат многу луѓе. Тоа не сум го рекламирал, никаде не сум се молел, но имаше луѓе кои знаеја. Откако заврши таа приказна и не добија одговор на прашањата за клубот и за весникот, тогаш го извадијаа на маса случајот за измама. Ќе било вака, ќе било така, прикаски, гачки, за отпосле да разберам дека на директорката, инаку девојка која апсолутно нема никаква врска и некаква вина во сето ова, ѝ приредиле една лавина од непријатни работи. Нејзе ѝ велеле во другата соба „Миленко кажа дека не те познава, признај сѐ, потпиши дека кај него се парите и веднаш ќе излезеш“. Потоа „еве на Миленко му дојдоа два адвоката, а тебе не ти доаѓа никој, што ќе правиш“ – што значи класичен полициски систем. Иако таа немала никакво искуство дотогаш во полициска станица, сепак не подлегнала. Но, бевме подложени на таа вербална тортура. Потоа нѐ сместија долу во ќелии, демек утре судот ќе решел. Утредента извршиле претрес во мојот стан, во мојата канцеларија. Ми беа запленети документи. Некои работи се појавија во досието, некои ги немаше, иако беа запленети.
ФОКУС: Имаше, ли, детали во досието, како се запленети?
НЕДЕЛКОВСКИ: Полицијата работи по некоја правна процедура. Има два сведока кои ќе ги најде, меѓутоа во записникот, на пример, пишува примено 3 кочани каса прими. Што значи дека од 42 ливчиња можеби некое било скинато или паднато. Значи нема таква спецификација. Она што одговара на полицијата одговарало, а она што не одговарало, не одговарало. После тоа бевме одведени кај истражен судија, тоа беше Весна Босотова која ми одреди мерка притвор од 15 дена. Потоа уште два пати по 15 дена, па месец дена и сѐ така со месеци. Интересно беше дека кога бев притворен беа пријавени како оштетени четворица, односно бев осомничен дека сум измамил вкупно четири граѓани. За потоа, по еден полициски домино ефект, со јавување во смисла „ете некој ќе си ги врати парите, дајте и вие пријава“, се дојде до 22 оштетени.
ФОКУС: Ова се случува додека сте во притвор?
НЕДЕЛКОВСКИ: Јас сум во притвор и не можам никако да реагирам. Меѓу другото од првите четворица оштетени клиенти, двајца во своите изјави пред судијката признаваат дека имаат добиено одобрение за виза и дека тоа одобрение заедно со сите документи и пасоши, се во американската амбасада и чекаат да им биде внесена визата во пасошот. Секоја држава во светот има дискреционо право да ви издаде виза или не, да провери дали тоа што сте го кажале е вистина. Таква е процедурата и во американската амбасада во Скопје. Значи клиентите имале виза, но биле во проверка од страна на амбасадата. Тука навистина никогаш не разбрав каде е мојата измама. Згора на тоа, јас не можев да соберам никаква документација во своја полза бидејќи тука се работи на релација меѓу Македонија и САД. А во Америка не можеш да овластиш адвокат да може да ја гледа твојата сметка и да влезе во твоја банка. Или си ти, или никој друг!
ФОКУС: Значи, како притворен, не можевте солидно да ја подготвите својата одбрана?
НЕДЕЛКОВСКИ: Немаш ни приближно пристап до својата одбрана, а камоли еднакво право на одбрана. Го признавам правото на обвинителот да ме обвини. Нема проблем, меѓутоа каде е моето право да јас да се бранам! И кога требаше веќе да почне процесот, па ќе почнува, не почнува, побаравме да се бранам од слобода. Понудив кауција, немам некои големи пари, но понудив нешто, што не ни беше разгледувано. Имено, истражната судијка испрати официјално писмо до американската амбасада во кое беше наведено: „ве молам да ни потврдите дали тие и тие лица имаат добиено виза или не; дали тој и тој адвокат е овластен за таа работа“ и сето тоа оди преку дипломатска нота преку министерството за надворешни работи. Три пати по ред, значи три пати по 30 дена ми беше продолжуван притворот во очекување на одговор на тоа писмо. Меѓутоа, законот вели ако не се подигне обвинени за 180 дена, тогаш излегуваш од притвор како слободен граѓанин. Се случи воопшто во тој рок да не се добие одговор на писмото, а обвинението беше покренато само за да не истече рокот. Теоретски амбасадата може да одговори дека сите 20 луѓе не се во постапка за добивање виза или дека сите 20 луѓе се во процедура. Одговорот на писмото, во секој случај, е многу важен за мојот живот!
ФОКУС: По кој основ не Ве пуштаа да се браните од слобода? Ќе избегате?
НЕДЕЛКОВСКИ: Прво е да не избегаш, второ, да не го повториш делото. И, трето, да не влијаеш на сведоците. Кога ќе ги испитаат сведоците, останува да не го повториш делото. Јас пишав еден, два дописа до судијката како можам да го повторам делото ако канцеларијата каде што сум работел е затворена, во мојата фирма три дена после моето затворање влезе инспекција, значи едноставно државата влезе фронтално. Како можа да го повторам делото, кога МВР ме „огласи“ во сите весници и телевизии!? Еве, и да сакам да го повторам делото, да сакам да ве измамам, ќе речете: „Чекај, бе, Миленко, тебе те уапсија за измама“. И, третото е да не избегам. Морам да кажам дека кога полицијата ме повика во полициската станица, самите инспектори беа изненадени што сум во Македонија. Тие имале податок дека јас бегам, дека сум на граница… Но, мојот пасош многу јасно кажува дека во последната година и нешто, колку што тие работеле на мојот случај, јас сум бил околу 30 пати во странство и сум се враќал. Само во последните 3 месеци бев два пати за Америка, еднаш во Кина, еднаш или два пати во Италија. Едниот инспектор многу искрено рече: „Па што си се враќал?!“. Демек, треба да бегам. Јас немам потреба од бегање..!
СРЕЌА ШТО ИМАВ ДОБРИ ЦИМЕРИ..!
ФОКУС: Но, додека Вие лежевте во притвор, имаше обвинувања за некои звучни имиња за тешки проневери, а немаше притвор за дотичните?
НЕДЕЛКОВСКИ: Прво ќе ви кажам како тоа функционира во САД, на пример. Имаше случај шефот на „Енрон“, огромна финансиска корпорација, беше обвинет за измама во милијарди долари. Тоа е фирма која ја спонзорираше претседателската кампања за првиот мандат на Џорџ Буш Јуниор. Па, човекот го фатија во државата Тексас, обвинет за огромни милијарди долари, но, го пуштија со кауција да се брани и тоа истиот ден, за 10.000 долари. Нема проблем со нулите, тоа се 10.000 долари. Тоа се две плати на таксист во Далас. Таму имаше друг пример, некоја бабичка си го заборавила пиштолот и по некоја случајност сакала да влезе во авион. Ја фатиле, и тоа во овие моменти кога Американците се многу чувствителни за безбедноста. Таа излезе надвор со 1.000 долари кауција. Сега, прашање е каков е нашиот стремеж да се приближиме кон тие норми? Посебно кога човек е во истражниот затвор, каде што системот не ти дозволува ни да помислиш на презумпција на невиност, ниту пак имаш реални шанси да ја подготвиш својата одбрана.
ФОКУС: Токму тоа ми е поентата,затоа што притворот сепак е некаква меркане е казна? Башка што селективно се применува..?
НЕДЕЛКОВСКИ: На пример, мене ме товарат за сума од околу 100 илјади долари, минимална наспроти гувернерот Љубе Трпевски во аферата „Смиленски“. За него немаше притвор. Мојата фамилија живее на Флорида, односно двете деца и сопругата. На Трпевски фамилијата му живее во Ирска. Многу повеќе пари се во прашање кај него и многу повеќе луѓе и фирми се засегнати од неговото однесување. И, сега, некој оценил дека тој нема да избега, а Миленко ќе избега!? И, која е вредноста на човекот или вредноста на парите во измамата, за да се процени дали некој ќе избега или нема да бега? Едноставно, крајно селективен е тој однос. Тебе те пуштам, а тебе не те пуштам. Ако е правилото за сите, тогаш е во ред. Но, сега за едни е правило, а за другите не е. Тотално е неразбирливо и селективно, како што призна и заменик обвинителот во случајот „Раштански лозја““!
ФОКУС: Во таа смисла, делува и како тенденциозно?
НЕДЕЛКОВСКИ: Кога човек лежи таму, тој сфаќа дека веќе е казнет. Таков е третманот што тој се чувствува казнет, обележан кај народот, во печатот, на телевизиите… А, за да си ги оствариш правата, треба да разбереш како функционира системот и да имаш силен адвокат. Ако ги исполнуваш овие два услова, ќе можеш да почнеш да си ги остваруваш правата.
ФОКУС: Што подразбирате под силен адвокат?
НЕДЕЛКОВСКИ: Под силен адвокат го подразбирам она што се разбира и секаде во светот – тоа што ќе ти го каже, да го оствари. Многу е тешко и скапо да се најде права личност, но, за среќа, со адвокатот Митко Солаков сме пријатели од детството, па можев да му поклонам доверба. Но, многу е тешко да ти дојде адвокатот во затвор и да ти каже: „Знаеш што, дај да те осудат, па потоа ќе те бранам“. Што?! Ти си мој адвокат или сакаш да ме ставиш во затвор?! Првично бев фрапиран. И таму, во четири ѕида, си викаш: „Па мајка му стара, дали е можно ова!“. А, од друга страна, постои реална ситуација на која мора да се прилагодиш и на која адвокатот мора да те насочи, за да бидеш во состојба да се браниш од слобода. На пример, луѓе кои немаат ниту пари, ниту недвижности, за да ги заложат како гаранција, за да излезат и да се бранат од слобода. Може ли некој да нема стан? Може. Може ли некој да го загубил сето тоа, на пример, на комар или при развод сето богатство да му го земала жена му? Постои можност. Или, пак, ете, никогаш не заработил доволно пари за да има недвижности. Едноставно, бил неспособен да заработи. И, тој значи мора да остане во затвор?! А тој што има три стана, тој нема да остане во затвор, бидејќи ќе плати кауција!
ФОКУС: Сиромавиот никогаш не би можел да понуди кауција..?
НЕДЕЛКОВСКИ: Сиромавиот не може, зашто нема два стана, а другиот, бидејќи имал два стана, тој не е толку криминалец. Значи, повторно селективност. Среќа моја е што имав силен адвокат, среќа моја е и дека наидов на судија и на обвинител кои ја разбираат ситуацијата. Тука, ако сакаат да се изживуваат, ти си готов. Но, не е во нив толку проблемот, колку што е проблемот во тебе, дека треба да сфатиш како функционира системот. Еве, на пример, пред да одиш во притвор, те носат во полиција, па ти земаат отисоци од сите прсти, од табани, па дали имаш операции, тетоважи… како да си од нарко-босовите од Колумбија. Без разлика што никој не те осудил, ти веќе имаш криминално досие, полицијата те осудила..!
ФОКУС: Во притвор, во Шутка, поминавте 7,5 месеци. Што прво помислувате кога ќе Ви се спомне притворот?
НЕДЕЛКОВСКИ: Првите зборови се – среќа што имав добри цимери!
ФОКУС: Колкумина бевте во собата?
НЕДЕЛКОВСКИ: Јас сменив две соби. Во првата бев две цели недели, а останатото време бев во втората соба. Во сето ова најбитната работа е што чуварите, кои таму ги викаат командири, се нормални луѓе, кои се обидуваат на некој начин да нѐ утешат – „Ајде, издржи, не се секирај“. Условите се катастрофални, но, тоа не зависи од чуварите. Тоа е затвор изграден пред не знам колку години. Куќниот ред е правен кога немало телефон, а камоли интернет или мобилен телефон. Во секој случај, има туширање еднаш на две недели, кое трае две до три минути!
ФОКУС: Дали управата реагира на тоа?
НЕДЕЛКОВСКИ: Реагираат, но, управата е со врзани раце, што да прави?!
ФОКУС: Што е проблемот? Да не се потроши вода?
НЕДЕЛКОВСКИ: Знам дека затворот нема никогаш доволно пари. Парно се пушта два-три саата наутро и навечер. Има шетање само половина саат, и тоа секогаш за нијанса помалку. Посетите се крајно редуцирани. Може да дојде адвокат, но, притоа мора да биде присутен и командир. Како ќе се бранам, кога таму има државен службеник со нас, а мене државата ме ставила тука!? Инаку, затворот Шутка има свое Б и Ц крило…
ФОКУС: По што се разликуваат?
НЕДЕЛКОВСКИ: Б крилото е со поголеми соби. Таму е, на пример, Бобан Утковски. Тоа е соба каде што има 10-тина кревети. Има, понатаму, соби каде што има по 5 кревети, во која бев и јас сместен. Нормално, тоалетот е среде соба, нема врата, нема ништо, само една мушама, завеса. До минатата година не можело ни радио да има во собата. До пред некоја година и весниците што се читале биле редуцирани, секоја страна не можеш да ја читаш. Сега е како голем дострел тоа што можеш сам да правиш избор на весници. Но, зависи во која соба ќе паднеш. Дали ќе слушаш радио „Ласер“, радио „Арачина“, радио „Роса“ или радио „Рос“. И тука може да настане кавга. Ц крилото, пак, е со помали соби, потоа има и самици. Но, има и камери. Во Ц крилото собите се помали и погрозни, помала е хигиената, иако таму не сум бил. И, постои таканаречено А крило, главен ходник, кадешто има една соба за жени; една соба А2 кадешто бев и јас, таа е како попристојна, и таму се Македонци; А3 е пристојна соба кадешто се Албанци и во А4 се малолетници!
ЈАС БЕВ СМЕСТЕН ВО „АЛЕКСАНДАР ПАЛАС“!
ФОКУС: Зошто собите се делат по етничка линија?
НЕДЕЛКОВСКИ: Претпоставувам дека постои некоја практична причина, што помалку тензии, тоа подобро за управата на затоворот. Собата во која бев сместен јас ја нарекуваат „Александар Палас“, затоа што има тоалет со врата. Во четирите соби во А крилото може да добиете топла вода во кофа во текот на денот, ѓто се смета за голема привилегија. Со цимерите се шегував дека во какви се не хотели во светот сум спиел, со Зоолошки градини, со хелихоптери… а овде треба да се радувам на две кофи топла вода!
ФОКУС: Како изгледаше еден Ваш ден изошто се битни цимерите?
НЕДЕЛКОВСКИ: Јас бев со некои интересни личности, меѓу кои и со Јане Тица. Но, најдолго со генерал Горан Стојков. Многу е важно со кого ќе се паднеш во соба, односно, дали ќе можеш да разговараш, да се разбереш. Инаку, денот започнува со појадок околу 6 часот, ште е во основа чај и варено јајце. Еден час подоцна, околу 7 часот, доаѓа друга смена. Таме една смена е 24 часа. Ги пребројуваат сите и нѐ прашуваат дали имаме проблеми, дали некој е болен. Во текот на утрото еднаш се излегува на половина час, шетање. Подоцна е ручекот, па вечерата и – толку. Вратата, во основа, службено се отвора 4-5 пати на ден, кога треба да ти дадат лек, јадење. За жал, тоа се затворски услови!
ФОКУС: Како човек да ја одржи психата во нормала?
НЕДЕЛКОВСКИ: Психата ја држиш во нормала со тоа што читаш многу книги, списанија, се обидуваш да дојдеш до заклучок што се случува надвор. Адвокатот ќе дојде, еднаш во две недели ќе те посети некој роднина. Иако порано не било така, сега имаш право секој ден да ти носат храна од надвор, па така да си затвореник е поскапо отколку да си овде на слобда.Затоа што некој треба да ти го донесе со такси, автобус, автомобил. Собата во која бев и каде што сѐ уште е генералот Стојков е попристојна. Таму бил и Љупчо Поповски, колегата Зоран Божиновски, Војо, Ламбе, Тасев, Фетаи. И, наводно, додека бев во другите соби, се зборуваше за неа како за фама соба, дека таму се плаќа рушвет кај некој од управата по 500 евра месечно.
ФОКУС: Дали се плаќа?
НЕДЕЛКОВСКИ: Не се плаќа, но, постои една фама кај другите затвореници. И покрај тоа што бев во најдобрата соба, сепак, кога сте во „Шутка“, ви делува цинично кога кажуваме дека сакаме во Европа. Нашиот затвор не е споредлив со затворите, на пример, во Германија, Италија… Јас не сум бил во ниту еден друг затвор во светот, но, сепак, сум гледал и сум читал за тоа. Овде, на пример, можеш да читаш весници, а не можеш да гледаш телевизија, бидејќи си во изолација. Весник може – ТВ, не!? Па, која е разликата?! Ете, генералот бараше лап-топ, за да може да ја подготви својата одбрана на магистерската работа. Магистратурата ја подготвуваше таму, на А4 табаци, јас сум сведок. Тоа е, сепак, сериозна работа, а барем оние луѓе што завршиле факултет знаат дека тоа не оди така, со молив, на рака. Во целиот случај многу е фрустрирачки што постојано си меѓу четири ѕида, забранети ти се сите можни комуникации, а во другите соби имаш и вакви и такви, некои рикаат, викаат, некои се дрогираат, некои сечат вени… и тоа постои. Да се разбереме, во затвор лежат луѓе, а не животни. И таму има добри и лоши, чесни и нечесни, и тоа е еден живот во мал простор. Ако во сето ова има некоја среќна околност, тоа се цимерите во собата. Тоа е единствената позитивна работа – да стекнеш пријатели во чудни околности. Те убива помислата на надворешниот свет, помисла дека веќе не можеш да докажеш дека си невин. Токму летово излезе во „Глобус“ сторија за оној прочуен англиски затвореник, кој бил 5-6 години во палестинско заточеништво. Тој има напишано и книга за ова негово искуство. Вели, кога влегол таму си задал три работи: „Да не мислам колку глупаво влегов овде, да не мислам кога ќе излезам и да не мислам на својата фамилија“. Затоа што тие 3 работи те излудуваат. Сите ние имаме деца надвор, сите сме чувствителни, никој овде не е кретен… И, тие се работите кои најмногу повредуваат!
ФОКУС: Сега сте на слобода, но, со осудителна првостепена одлука. Ги прибравте, ли, доказите, што не можевте додека бевте во притвор?
НЕДЕЛКОВСКИ: Сега ја подготвувам документацијата која говори во моја корист, која кажува дека најголемиот дел, безмалку сите кои ме обвинуваа мене, не се во право. Ги нарачав сите можни банкови и слични извештаи, кои се поврзани со Америка, за да го поткрепат моето тврдење и подготвувам 25 сведоци кои ќе потврдат дека не станува збор за измама. Деновиве главно сум преокупиран со тоа, но, паралелно го подготвувам и излегувањето на весникот. Не се откажувам од тоа. Напротив, сега сум уште помотивиран, бидејќи веќе еднаш влегов во истражен затвор, па полицијата може да повели повторно да ми го направи истиот притисок, нели, да најде двајца-тројца други сведоци против мене. Ама, бидејќи еднаш сум поминал низ тоа, сега ќе ми оди малку полесно. Сега барем ќе знам дека се работи токму поради ова интервју за „Фокус“, инаку најчитаниот весник во затворот. Не се откажувам од таа идеа. Се надевам дека ќе ја реализирам многу брзо. Оди малку тешко, затоа што сакам да не бидам врзан политички, ниту економски на разни корпорации, федерации, шпедиции, банки, пиварници..!
ФОКУС: Го избирате потешкиот пат?
НЕДЕЛКОВСКИ: Така е потешко, но, може да се реализира само ако се собере екипа која што ќе се саможртвува. Пред една година имав еден интересен разговор на аеродромот во Франкфурт со Фрчко. Ние сме другари од детство, живееме куќа до куќа, и тогаш му кажав за моите намери да почнам со дневен весник. Тој ми рече: „Можеш да успееш само ако екипата ти е крволочна“. Јас многу го почитував тоа мислење, затоа што, реално, без разлика на разните флоскули во весниците дека тие се независни, слободни и слично, сепак сме сведоци дека во голема мерка сите се потпираат на некој!
ЌЕ ПИШУВАМ СЦЕНАРИО ЗА „БОРБАТА НА ГЕНЕРАЛОТ“!
ФОКУС: Додека бевте во притвор, единствен контакт со надворешниот свет Ви беа весниците. Како Ви изгледа македонското новинарство од тој агол?
НЕДЕЛКОВСКИ: И пред, и после излегувањето од притворот, електронските медиуми, од каде што доаѓаме обајцата, ги оценувам многу ниско. А, и колегите што работат таму, генерално, се на исто рамниште. И самата знаеш како го печевме заанаетот кај покојниот Никола Солдатов. И, не можеше тогаш да бидеш несериозен во таа професија. Јас се сеќавам кога од студио тука, ќе правев некој спортски пренос и тоа ќе излезеше лошо. Потоа ќе му се жалам и правдам на Солдат, демек, имаше шум, шуштеше, па едно, па друго… а тој ќе рече: „Да, но тоа гледачот не го интересира“, и завршуваше прикаската. А, сега, на ТВ, како да имаат предност колегите со „шпрех фелер“, р’ркаат, ш’шкаат… А, од друга страна, се полни со себе!? Пишаните медиуми мислам дека се среќаваат со уште поголеми проблеми од материјална страна. Имаат и електронските медиуми, но, тоа толку не се чувствува, бидејќи зад нив стојат големи газди кои живеат од друг бизнис. Сега се свестија и весниците, па и тие си зедоа големи газди зад себе. Сите тие, признале или не, се наклонети на некоја страна. Но, да немаме илузии. Народот го чувствува секој медиум, секоја емисија, секој водител на каде влече, зависи дали ќе амнестираш некого или некоја фирма, дали имаш антипатија кон некој или немаш. Тоа лесно се воочува, бидејќи, во основа, работите во Македонија се поделени. Имаш две фирми кои организираат игри на среќа со лото, па имаш две нафтени компании… Всушност, прашање е дали можеш да направиш весник или медиум, кој може да остане негибнат. Утре можеби ќе те викнат во полиција и ќе ти кажат: „Знаеш што, за тебе имаме уште една пријава и да видиме што ќе правиме со тоа“. Но, и така ако гледаш, нашата работа е тоа. На пример, колку во една демократска држава како што е Америка, беше малтретиран Мајкл Мур. Никој не го тепаше, но, тој не можеше да најде продуцент, не можеше да најде кино сали. Па, и самата промоција овој американски филм ја доживеа на Медитеранот. Или, последниот судир во Лондон меѓу таблоидите, со повлекување на главните и одговорни уредници со тоа што еден се качува, еден се симнува, но, тоа е нашата професија!
ФОКУС: Дали можеби планирате да напишете книга за Вашиот живот во „Шутка“?
НЕДЕЛКОВСКИ: Веќе подготвувам некаков материјал. Му реков и на генералот Стојков дека пишувам книга, дека очекувам од него на некој начин да ја авторизира, бидејќи ќе биде поврзана со многу нешта што таму се случуваа, а тој ќе биде централна фигура во сето тоа. Може дури и да направиме сценарио – „Борбата на Генералот“, слично како филмот „Ќерката на Генералот“!
ФОКУС: Имате високо мислење за генералот Стојков?
НЕДЕЛКОВСКИ: Македонија е висококорумпирана земја. Тешко се наоѓа човек кој не е извалкан. И, кога ќе се најдете во друштво со некој, како што е генералот Стојков, кому што не може да му се најде една запирка во правец на корумпираност, а би можел да го собере целото богатство на оваа земја, тогаш не може да немате респект кон таквата личност. Претпоставувам дека за време на конфликтот можел да заработи многу пари, како стотици воени профитери што се на слобода. Меѓутоа, не слушнавме дека некои автомобили се внесени за него, дека некој е киднапиран, па се зема од него пари, дека барал да вработува, всушност, ништо такво не сме слушнале за човекот. Сметам дека тој е робинхудовска фигура која ѝ треба на Македонија. И, не е точно дека Македонија нема корумпирани луѓе и политичари кои би требале да ја водат понатаму. Бевме сведоци и на оперскиот пејач Борис Трајанов, кога народот едноставно почувствува дека човекот нема никаков личен интерес!
ФОКУС: Сепак, на Стојков му е натоварена набавка на муницијата?
НЕДЕЛКОВСКИ: Она што можев да го следам за овој процес, очигледно е дека се работи за една монтировка. Генералот Стојков не само што не е корумпиран, туку е со многу високи морални квалитети, што е многу важно за еден човек. Тој ги почитува вредностите на секого, по карактер е човек кој се контролира, кој успева да се избалансира себе си, бидејќи, ќе разберете, не е лесно да сте во притвор. За Горан Стојков се водат само политички процеси. Е, сега, постојано да го малтретираш човекот: „Те пуштаме, не те пуштаме“, дај, не дај. Пет пати досега му бараат да потврдат дека гаранциите се гаранции, дека проценителите се проценители. Тоа треба да се издржи. Тој ја има таа самоконтрола, тоа свое спокојство, и во таа смисла за мене го прави фигура број еден во Македонија. Јас му реков дека, колку и да сака да бега од својата карма, од својата судбина, тој не може да избега, него животот го води да биде политичар, да биде лидер. Тој не сака. Вели: „Не ме интересира, ќе си одам во планина, ќе си пуштам телевизија, ќе си гледам Дискавери, животни“. Му кажав: „Колку и да сакаш да избегаш, не можеш да избегаш од она за што Господ те создал“. Тој е една симпатична фигура, еден чесен човек, сентиментален кон своите деца, што е доблест, иако нормално дека непријателот го користи тоа како слабост. Од Горан Стојков нема бегање. Сите оние што учествуваа во овие политичко-судски монтировки нека си живеат со своја… совест, но, од Горан Стојков бегање нема. Македонија не може да избега од него. Колку што знам, тој не е ни член на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак на ВМРО-Народна. Човекот е максимален професионалец во тоа што е. Да е некој два пати во притвор, вториот пат да е 8-9 месеци, и да не успееш да му извадиш ниту една афера, тоа е навистина невозможно!
ФОКУС: И после долгиот притвор, сепак мислам дека во Тебе има оптимизам?
НЕДЕЛКОВСКИ: Да беше Миленко песимист, тој би заминал во Америка. Веќе шеста година жената и децата мои се таму. Таму им е убаво. Многу често одам таму. Америка е една држава која е убава за провод. Но, ова е мојата држава. Јас сум од Скопје со генерации. Се чувствувам како македонски Жељко Малнар. Сигурен сум дека сум меѓу првите 10 Македонци кои посетиле најмногу држави и градови во светот. Знам десетици мали држави, како Македонија, а во кои се живее идеално. Не се сите во Европа. Само да знаете колку има такви во Централна Америка, на пример, Костарика!
ФОКУС: Што е клучот за нивниот успех?
НЕДЕЛКОВСКИ: Да се безбедни. Костарика нема армија, има само полиција. А ние, кога ќе речеме Костарика, помислуваме на хунта, генерали, егзекуции, монтировки. Но, сето тоа нема врска. Тоа е безбедна држава со многу ниско ниво на корумпираност, бидејќи не може да е безбедно, а да е корумпирано!
ФОКУС: Доаѓаме, значи, до оние кои ја водат државата?
НЕДЕЛКОВСКИ: Доаѓаме до тоа дека нашите државници ниту ја гарантираат безбедноста, ниту ја искоренија поткупливоста. А тоа од нив зависи, не зависи од мене. Од мене може да зависи мојата фирма. Ете, сѐ уште е небезбедно во Кондово, Липково, или на други места… Јас бев првите две, три недели притворен со луѓе кои беа од Брест, Липково, и од другите кризни места, и прикаските кои тие ги кажуваат, ако се вистинити, тогаш не гледам дека нашата држава има контрола на тие територии. Но, повторно ќе кажам, знам многу мали земји, но безбедни. Тие немаат многу жители, а живеат како бубрег во лој, безбедно, корупцијата е на најмало можно ниво. Ние сме малку и би можеле добро да живееме. Зошто не е така? Дали имаме некое проклетство, не знам! Ова ни е државата и немаме друга држава. Без разлика на мојот оптимизам, греота е што постои голема веројатност и да не постои во оваа целовитост. Но, тука ќе сме, па ќе работиме да биде поинаку, барем што се однесува до нашите промили за влијание. Оптимизмот ми е подгреан и со тоа што во Македонија сепак има луѓе како генералот Стојков, како Борис Трајанов, луѓе кои не се клонирани од претходните, туку се апсолутно нови и во кои може да се има доверба!