За една недела, во периодот од 25.12.2016 до 01.01.2017 година, пријавени се 9.485 новозаболени лица на групни пријави за заболени од грип, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со претходната недела кога беа пријавени 4.194 случаи.
„Со исклучок на пандемската сезона 2009/2010, бројот на пријавени случаи оваа недела е највисок регистриран во последните 10 години, како за овој период од сезоната така и воопшто. Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела ја надминува границата на многу висока активност“, се вели во извештајот на Институтото за јавно здравје.
Оваа недела најголем број заболени е регистриран на територијата на Скопје, а над 1.000 случаи се пријавени во Струмица, Велес и во Кавадарци.
Највисока инциденца од 2.379,5/100.000 се пријавени од подрачјето на Кавадарци, а втора највисока инциденца од 1.954,9 се регистрира во Свети Николе, па во Велес. Границата за многу висока активност е надмината уште во 10 градови. Висока активност се регистрира на територија на Тетово, Кочани и Македонски Брод, во 8 региони активноста е на средно ниво, а во 6 на ниско ниво.
И ова недела најголем број заболени, односно 65,9 од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, што не претставува значајна промена на процентуалното учество од претходната недела (66,1%). Во пријавените случаи од 52. недела, децата на возраст од 5-14 години учествуваат со 18,4 отсто, лицата над 65 години со 9,8 отсто и децата од 0-4 години со 6 отсто.
Највисока инциденца од 753,9/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години, а кај децата на возраст од 0-4 години инциденцата изнесува 486,3/100.000.
Во сезоната 2016/2017 вкупниот број заболени од грип изнесува 15.775 со кумулативна инциденца од 762,4 на 100.000 жители.
Случај на грип не е пријавен само во Берово.
Најголем кумулативен број заболени се регистрирани во регионот на Скопје (2.174), Велес (1.757) и Тетово (1.495).
Од вкупниот број регистрирани случаи на грип и заболувања слични на грип, 15.072 случаи (95,5%) се пријавени во декември.
Во текот на оваа недела во вирусолошката лабораторија на Институтот се тестирани 24 примероци на присуство на вирусот на грип, при што 17 или 70,8 отсто се позитивни за присуство на вирусот на грип тип А, и сите припаѓаат на A/H3 подтипот.
„Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип и заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната, а неделниот број ја надминува границата на многу висока активност (прв пат по пандемската сезона 2009/2010). Оваа недела, на територија на 13 центри за јавно здравје се регистрира многу висока активност. Иако зимскиот распуст во училиштата може да го ублажи интензитетот на ширење на грипот, сепак се очекува високиот број случаи да се одржува и во наредните неколку недели“, се вели во извештајот.
Здравствени власти засега даваат само општи препораки за заштита од грипот, додека некакви вонредни мерки се уште не се преземаат, освен дезинфекција во градинките и во училиштата.