Само режимот има оружје и сила за крваво сценарио

by lali

Во текстот „Најавите за крв и насилство на Заев…“ куририте по обичај безочно лажат, дрско клеветат и ја манипулираат јавноста, разработувајќи ги тезите на својот пастир, за кои им даде насоки на партискиот собир во Прилеп, минатиот викенд.

Велат дека и јас во „Фокус“ сум разработувал сценарио во кое сум споменувал „вооружени групи од опозицијата кои би можеле да дејствуваат“ во случај на масовни протести на граѓаните против власта најавени во периодот околу 9 мај. Се разбира, тоа е гнасно подметнување за да ја оправдаат својата теза дека Заев и опозицијата наводно подготвувале крваво сценарио.

Во текстот во „Фокус“ јасно и недвосмислено напишав дека се залагам за ненасилен, пасивен отпор, за граѓанска блокада на државните институции, кои се партизирани и узурпирани. Масовните протести на граѓаните до кои може да дојде треба да ја принудат Владата на оставка, но не сум наивен и знам дека режимот на располагање ги има сите расположиви сили на полицијата – специјалните единици – „тигри“, „алфи“, „желки“, „посебни единици“, па дури и параполициски структури, кои можат со солзавци, со гумени куршуми, со водени топови, со електрични пендраци и сл. да го скршат пасивниот отпор на граѓаните.

Затоа во текстот предупредив дека како и во Турција, при настаните во Гези паркот во Истанбул, тоа може да доведе до жртви и во Македонија. Значи, власта е вооружена, а народот е голорак! Режимот е тој кој може да пролее крв, а не граѓаните и опозицијата!

Истовремено, напишав и дека Јове Кекеновски, лидер на Форумот на слободоумни патриоти од ВМРО-ДПМНЕ, има своја гарда – луѓе што го обезбедуваат и го заштитуваат и кои се спремни да одговорат на секаков физички напад, на пример како оној нарачан против градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, како што се виде од телефонскиот разговор на Груевски со Миле Јанакиески емитуван викендов во општина Центар. Значи, очигледно е дека Груевски е тој што има сила и кој, според телефонските разговори што ги пласира опозицијата, нарачува насилство – пет, шест шамари! Од каде да знаеме дека утре нема да нарача пет – шест илјади гумени куршуми, пет-шест стотини електрични пендраци, пет шест стотини шмрка од водените топови… Нели и тоа не е кривично дело, туку „легална употреба на полициска сила против демонстранти“!?

Затоа, курири, леко, не плашете го народот со крваво сценарио во режија на опозицијата. Такво може да приреди само вашиот пастир! Вие сте вооружени до заби – а и на вашите партнери од ДУИ, мислам на УЧК, де, се уште не им се оладени калашњиковите! Значи, единствената крв што може да се лее е онаа на опозицијата и на граѓаните!

Поврзани новости