Само за 18 проценти од населението во државата изградени се канализациски системи, посочи вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој укажа на проблемот со региналниот развој во Македонија.
Во последните 30 до 40 години една третина од населението од целата држава живее во Скопје, а селата и малите населени места се сѐ попразни, истакна тој.
– Тоа е фрапантен податок, но тој е таков и мораме да ги кажеме бројките такви какви што се и да бидеме свесни за истите. Ваквата ситуација мора да биде надмината – подвлече вицепремиерот Анѓушев.
Неговиот кабинет прави анализи колку средства од Буџетот се потрошени и во кој регион, со цел да се утврди дали тоа трошење е рамномерно. Во иднина Владата ќе се залага за рамномерен регионален развој од Буџетот да се одвојува еден процент од БДП.
Од 2009 до 2017 година наместо еден процент од БДП биле прераспределени само 0,04 проценти, односно потрошени се само 1 милјарда денари за 560 проекти кои не ги дале очекуваните резултати.