Само 12 земји учествуваа на Детска Евровизија, Македонија уште летото го откажа учеството

by fokus

На изданието на музичката манифестација Детска Евровизија 2020, која се одржа во Варшава, Полска, годинава победи Франција и малата Валентина со нумерата ,,J`Imagine”. Учествуваа само 12 земји, и тоа Србија, Русија, Казхстан, Белорусија, Франција, Шпанија, Холандија, Грузија, Украина, Малта, Полска и Германија.

Победникот на настанот се избираше со комбинација на гласови од национални жири комисии и гласање од два дела на интернет, едно пред шоуто и едно за време на шоуто.

Македонија уште во месец јули го откажа своето учество на Детска Евровизија. Македонската радио телевизија ја извести Европската радиодифузна унија (ЕБУ) дека нема да учествува, со надеж дека состојбите ќе се променат на подобро наредната 2021 година.

-На сите кои можат да учестуваат им посакуваме забавни моменти и да го движат светот. Со жалење известуваме дека Македонија нема да учествува на настанот во 2020 година – известија тогаш од МРТ.

Лани наша претставничка беше Мила Москов од Прилеп и го освои шестото место. Раде Спасовски, шеф на нашата делегација за Детска Евровизија, тогаш ни откри дека од буџетот биле одвоени околу 20.000 евра за настанот.

-Во таа сума е вклучено се. Котизацијата, билетите за сите шест лица кои бевме во Полска, сместување, гардероба, сценски настап, сите подготовки. Шпекулациите за суми од стотици илјади евра се неосновани, ние поминавме скромно, но сепак имавме успешно претставување на настанот-ни изјави тогаш Спасовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости