Самка Ибраимоски најави протести ако во секоја јавна институција не се вработи барем по еден Ром!

by fokus

Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), и до пред десеттина месеци заменик-директор на Јавното Претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат“, Самка Ибраимоски, најави протести низ цела земја, доколку не се започне со вработување на Роми во државни институции.

Според соопштението кое тој го објави, ПЦЕР ќе покренела иницијатива до премиерот Димитар Ковачевски, да во секоја јавна институција има барем по еден вработен Ром, затоа што тие биле застапени со најмал процент.

-ПЦЕР ќе покрене иницијатива до премиерот, да во секоја институција да има по еден Ром вработен, затоа што најмал процент се застапени Ромите, а не да се вработува по балансерот, и ќе предложиме да се укине балансерот.

Вработувања во следните институции- Матична служба, во секој град по еден, Центар за социјални работи по еден во секој град, ПИОМ во подрачните служби – по еден во секој град, Подрачна за здравство – по еден во секој град, Агенција за вработување во подрачните единици низ Републиката, и во сите институции по градовите низ Републиката што постојат подрачни служби, УЈП, Министерство за правда, Министерство за финансии и други.

Доколку ваквата иницијатива не се прифати, ПЦЕР ќе организира масовни протести во цела Македонија, пред Влада и Собрание, ќе имаме трпение, но во најкраток можен рок ова иницијатива да почне да се применува – објави Ибраимоски.

Тој е активен во политиката околу три децении. Годинава во јули беше реизбран за лидер на ПЦЕР. Кога пред десеттина месеци се повлече од функцијата заменик директор на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта ,,Македонија пат”, ја образложи одлуката со тврдењето дека како партија не им биле остварени ветувањата за нивно учество во извршната власт.

Тогаш изјави дека требало да биде генерален директор на „Македонија пат“, но ветувањето не се исполнило.

Пред неколку месеци за „Фокус“ раскажа дека откако се повлекол од јавната функција имал време за средби со граѓаните, а разговорите со нив го инспирирале да пишува афоризми кои ги објавува на социјалните мрежи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости