Потпишан договорот за меѓусистемско гасно поврзување со Бугарија

by fokus

Земјава ќе може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија. Ова е овозможено по денешното потпишување на Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на Интерконективна точка Ќустендил-Жидилово помеѓу ГА-МА АД и Буглартрансгаз ЕАД.

Договорот го потпишаа извршниот директор на ГА-МА АД Скопје, Александар Арсиќ и извршниот директор на Булгартрансгаз, Владимир Малинов, а присуствуваше и извршниот директор на Национални енергетски ресурси АД Скопје, Бајрам Реџепи.

-Потпишувањето на овој договор е од големо значење бидејќи отвора можност за зголемување на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, како и ослободување на дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи и диверсификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во Република Бугарија, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешното потпишување на договорот во Софија.

Со договорот за интерконекција помеѓу ГА-МА АД и Булгартрансгаз се одредуваат детално условите, оперативните процедури и одредби во врска со испораката на природен гас на точката на интерконекција на македонско-бугарската граница на Интерконективната точка Ќустендил -Жидилово, со цел да се олесни ефикасната интероперабилност на меѓусебно поврзаната преносна мрежа.

Конкретно со договорот се регулира зголемување на притисокот на компресорската станица. Техничкиот капацитет на точка на испорака ќе биде 3.044.000 нормални кубни метри, што значи дека техничкиот капацитет ќе се зголеми за 500.000 нормални кубни метри со можност за ослободување на дополнителни неискористени сегашни капацитети.

Со договорот исто така се менува методологијата за пресметка на количината на гас и начинот на определување на квалитетот на гасот и негова анализа и редовна проверка, односно мерењето на енергијата ќе се пресметува во киловат часови [kWh] наместо досегашните стандардни кубни метри на референтна температура од 20℃ [nm3].
Опсегот на дозволениот состав на гасот се зголемува со што се овозможува увоз на гас од различни извори. Минимално/максимално дозволените вредности на составот на гасот се изедначени со оние на соседите Грција и Бугарија каде е и возможен влез на гас од други извори. Се определува времето на почеток на гасен ден наместо досегашниот 08:00 рm, да биде 06:00 pm, заради прилагодување на ЕУ , нормите.

Почетокот на имплементација е договорен да биде од 01.01.2023. Периодот до почетокот на имплементација ќе биде искористен како тест период помеѓу двата оператори, при што ќе треба и практично да се разработат сите процедури на работа. Во меѓувреме треба да се потпишат нови договори со снабдувачите и корисниците и да се усвојат нови правила на работа.

Поврзани новости