Салиу ја префрли вината за справување со пожарот во Требовље на локалната самоуправа

by fokus

Пожарот во Требовље вчера се прошири затоа што претставници на локалната самоуправа се повлекле предвреме, тврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу.

„Десет луѓе го напуштија местото, мислеа дека треба да седат до 12 часот и се повлекоа. Ги молев да се вратат, но за жал не прифатија, бидејќи биле од локалната самоуправа и го напуштија местото. “, изјави Салиу.

Тој се сомнева дека е подметнат пожарот кој веќе шести ден ја пепелосува шумата во Македонски брод. Сите показатели укажуваат на човечки фактор, изјави тој.

„Има индиции дека некој околу хидроцентралата Козјак нешто потпалувал. Тажно и жално е некој да потпалува“, додава Салиу.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека гаснењето на огнот го отежнуваат лошиот терен, високите температури и присуството на ветер.

Во вчерашната акција за локализирање на пожарот во Требовље изгореле 300 хектари шума. Сите жители од околните села биле евакуирани со што се спречиле можни жртви. Во огнената стихија не настрадала ниту една куќа иако огнот беснеел на само неколку метри од селото. Од Дирекцијата велат дека пожарот е локализиран.

Поврзани новости