Косовскиот премиер Албин Курти го постигна невозможното во американската политика: консензус меѓу демократите и републиканците, пишува порталот „Политико“.
За жал за Курти, тие се согласија дека лидерот на Приштина е тврдоглав, а понекогаш и непромислен политичар кој ги поткопа заедничките американско-европски напори за постигнување трајно мировно решение меѓу Приштина и Белград.
Вашингтон го обвини премиерот на Приштина за неодамнешното избивање на насилство на северот на Косово и се обиде – засега неуспешно – да го заузда со јавна критика.
Критичарите на Курти го обвинуваат дека ја создал кризата со испраќање на паравоени полициски единици во општините со мнозинско српско население и употреба на сила за поставување албански градоначалници откако Србите ги бојкотираа локалните избори.
Кристофер Хил, американскиот амбасадор во Србија, претходно изјави дека САД треба да разговараат со Курти и да проценат дали можат да сметаат на него како партнер. Пораката уследи по твитот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој остро ги осудува дејствијата на владата во Приштина кои ја зголемуваат тензијата на северот на Косово.
Ричард Гренел, кој за време на администрацијата на Трамп имаше неколку високи надворешнополитички позиции, меѓу кои и специјален пратеник за преговори меѓу Белград и Приштина, оцени дека Курти „му покажа среден прст на Бајден и на Европејците“.
Гренел долго време е критичен кон Курти, чии ставови никогаш не се совпаѓале со оние на администрацијата на Трамп, потсетува порталот, но посочува дека јавниот укор на администрацијата на Бајден е различен на повеќе нивоа.
„Косово е омилен проект на демократските лидери уште откако поранешниот претседател Бил Клинтон водеше успешна кампања на НАТО против југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ во 1999 година“, истакнува Политико, додавајќи дека многу демократи го гледаат „Косово“ како редок пример за успешна држава.
Ниту Хил, кој е „дипломатска легенда на Балканот“, не остави сомнеж дека Белград не е виновен за последната ескалација.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата влада се „добри партнери во овој процес“, рече Хил.
„Дури и ЕУ, која ги водеше преговорите за „нормализација“ на односите меѓу Белград и Приштина, што е предуслов за двете земји да влезат во блокот, го загуби трпението со Курти“, се наведува во текстот.