Амбасадорот на САД, Џес Бејли, заедно со претставници на Европската унија пред Влада соопшти дека нивната проценка е дека нема услови за организирање на кредибилни избори за предвидениот датум 24 април.
-Нотираме дека резултатите од работата на ДИК во однос на проверката на избирачкиот список во оваа фаза не се доволни за да се одржат кредибилни избори на 24 април, иако одреден напредок е направен. Истотака се уште не е постигнат договор за медиумските реформи за да се осигура поле за еднаков пристап. Исто така сме загрижени од извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица. Сето ова е многу загрижувачко, рече Бејли.
Тој ги повика на одговорност сите инволвирани во Договорот од Пржино да работат што побрзо да се затворат проблематичните прашања за кои се уште се преговара.
-Ако изборите не можат да се одржат на предвидената дата, се очекува политичките лидери да работат да се обзбедат услови кои ќе овозможат кредибилни избори на најрано можниот датум со целосно почитување на обврските и подготовките за тоа на ДИК, стои во извештајот од ЕУ и САД.