И по три месеци од трагедијата, вештачењето од Германија за пожарот во модуларната болница во Тетово се уште не е пристигнато, велат од Обвинителството за „Фокус“, од каде што додаваат дека во меѓувреме се сослушуваат сведоци кои имаат сознанија за трагедијата.
-Се очекува вештачењето од германските експерти кое беше побарано преку меѓународна правна помош, кое се уште не е пристигнато. Во меѓувреме се сослушуваат сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот. По целосно утврдување на фактите, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, ни одговорија од Обвинителството.
Оттаму додаваат и дека се анализираат останатите вештачења кои беа изработени во земјава, но засега не можат да споделат повеќе информации.
-Предметот е во фаза на предистражна постапка во која интензивно се постапува за утврдување на фактите. Пристигнатите извештаи во обвинителството се анализираат во корелација со останатите докази, но Јавното обвинителство не е во можност да сподели детали, децидни се од Обвинителството.
Пожарот во модуларната болница изби на 8-ми септември годинава. Како што веќе објави „Фокус“, првите обиди да се справат со пожарот го направиле припадници на медицинскиот персонал кои се затекнале внатре, и тоа со она што прво им дошло при рака, однсоно со ќебе и вода. Оваа информација уште повеќе ги потврдува и првичните неофицијални информации дека во објектот немало противпожарен апарат.
Неодамна, во Основното јавно обвинителство Тетово беше доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.
– Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, информираа тогаш од Јавното обвинителство.
Во пожарот загинаа 14 граѓани.
Валентина Вурмо