Со ќебе и вода медицинскиот персонал се обидел да го изгасне пожарот во модуларната болница во Тетово

by fokus

Со ќебе и вода медицинскиот персонал се обидел да го изгасне пожарот кој избувна во тетовската модуларна болница, што ги потврдува и првичните неофицијални информации дека во објектот немало противпожарен апарат. Начинот на кој се обиделе да се справат со огнената стихија со она што прво им дошло до раце, за “Фокус”, го откриваат од Обвинителството.

Поточно, неодамна од Обвинителството информираа дека медицинскиот персонал “презел обид за гаснење”. Затоа прашавме со што точно се обиделе да го изгаснат огнот, односно дали со противпожарен апарат, ќебе…

-Во врска со пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, ве известуваме дека обидот за гаснење на оганот преземен од страна на медицинскиот персонал бил со средства кои им биле во непосредна близина – ќебе и вода. Поради брзото ширење на пожарот не успеале во обидот и брзо го напуштиле објектот. Обвинителите ги утврдуваат сите детали околу настанатиот пожар во тетовската болница, ни одговорија од Обвинителството.

Неодамна, во Основното јавно обвинителство Тетово беше доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

Вештачењето ја утврдува причината поради која настанал пожарот во Модуларната болница, во кој животот го загубија 14 лица.

– Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, информираа тогаш од Јавното обвинителство.

Обвинителството наскоро очекува да пристигнат и извештаите и податоците за кои имаат издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Република Германија.

Валентина Вурмо

Поврзани новости