Сѐ додека опозицијата ни е непоткована, власта ќе си остане незауздана!

by fokus

Еден афоризам на кој налетав деновиве на Фејсбук вели дека „ако ја видиш жена ти со сукало во рацете, не се радувај веднаш дека ќе јадеш зелник, оти можеби – ќе јадеш ќотек“. Освен хумористичниот аспект, овој афоризам содржи и една многу подлабока метафора, која во политиката може да се поврзе и со основниот принцип на византискиот начин на практикување на власта, толку многу карактеристичен за нашиве простори.

А тој принцип во суштина вели дека оние кои јавно ти се прикажуваат за пријатели, во реалноста ти се најголемите душмани; оние кои на прв поглед ти прават услуга и ти помагаат, на втор поглед ти го копаат гробот; оние кои јавно ти нудат засолниште, всушност те наведуваат во стапица; и конечно, тие на кои мислиш дека можеш до крај да им веруваш затоа што сѐ си им дал и со тоа си ги задолжил кон тебе, се токму оние од кои треба да очекуваш први и најдлабоко да ти го забијат ножот во грбот.

Тоа е значи византискиот начин на терање политика, кој каков што беше опишан во претходната реченица, мнозина би го препознале кај нас, во денешната македонската политика и кај денешните македонски политичари. А не било отсекогаш така. Имало период во македонската историја, кога македонските лидери паѓале токму на такви буквално византиски методи, не гледајќи дека скапоценото „сукало“ кое им се појавило пред очи не е најава за „зелник“, ами за „ќотек“.

Дваесетина години по смртта на цар Самуил, и по враќањето на неговата држава под византиска управа, неговиот внук Петар Делјан, пристигнал од Унгарија во Македонија со намера да крене востание и да го возобнови царството на неговиот дедо, за и тој да стане цар.

Околу овој востаник се собрале многу бргу сите незадоволници од византиската окупација и со толку голема војска од верни приврзаници, Византијците сфатиле дека обидот да го поразат со својата армија ќе биде и многу тежок, и доста долг и ќе ги чини голем број војници, кои во тоа време биле потребни за одбрана на империјата на други фронтови. Затоа, искусните стратези од Константинопол, со цел да поминат најевтино што може, и финансиски и во војнички животи, се послужиле со итрина.

Тие ангажирале за својот план еден братучед на бунтовникот, кој се викал Алусијан, и кој еден ден се појавил во кампот на бунтовниците, и кого водачот на востанието, Петар Делјан веднаш го поставил за командант на еден голем дел од востаничката војска и го испратил во напад врз градот Солун, град кој бил клучен за одржување на византиската контрола врз територијата на Македонија. Арно ама, Алусијан, иако како роднина на Петар Делјан ја имал неговата потполна доверба, го изневерил својот шеф и со намерно издавање штетни наредби, ги довел востаниците со кои командувал до катастрофален пораз.

Веднаш потоа, Алусијан се вратил на слободната територија и веднаш побарал средба со лидерот на востанието, кога го заробил, го ослепел и им го предал на Византијците. По ова, востанието на Петар Делјан сосема колабирало, Византијците ја окупирале повторно целата територија на Македонија, сите водачи на бунтот биле сурово казнети, а човекот кој им помогнал да го задушат востанието, Алусијан, Византијците го наградиле со титули, функции и со имоти, кои тој им ги оставил на неговите потомци, кои, пак, историјата со векови потоа ги бележи како верни слуги на Византиската империја.

Од човек од типот на Алусијан (кој му бил син на Иван Владислав, синот на Арон, братот на цар Самуил) најмалку Петар Делјан, син на синот на Самуил, Гаврило Радомир, требало да очекува предавство. Имено, тие биле блиски роднини (втори братучеди), биле и двајцата оставени без наследство по падот на Самуиловата држава. Делјан дури му дал и висока позиција во востаничката армија и го испратил во важна мисија (ослободување на Солун) од која со голема слава и престиж можел да излезе Алусијан, ама ете – токму од човекот во кого имал најмногу доверба – Петар Делјан доживеал да биде најподмолно предаден.

До ден денешен на македонските петарделјански опозиционери им се случуваат незгоди од алусијански карактер. Искуството со тројанските коњи во ВМРО – Народна Партија, Обединети за Македонија, ЛДП и СДСМ од последниве неколку години, месеци и денови дури, покажува дека во македонската опозиција абер немале и уште немаат од византиската историја и од методите со кои лукавите Византијци без многу трошок се справувале со нивните непријатели. Додека, сосема обратното се чини е случај со главните луѓе на власта.

ШТО ПОГОЛЕМА ДОВЕРБА ДАВАШ, ТОА ПОГОЛЕМО ПРЕДАВСТВО ОЧЕКУВАЈ!

Дека во СДСМ навистина не ги разбираат византиските методи, особено оние кои се однесуваат на менаџирањето со тројански коњи, докажува и фактот што во таа партија се навистина, искрено, реално изненадени што токму луѓе на високи позиции, од најголем степен на доверба ги предале. Зошто се изненадени, не ми е јасно. Па, кој друг би бил предавник, кај кого би ангажирала пари, закани и ветувања власта за да предизвика предавство, ако не – кај тие што се на висока позиција!? Византијците на Петар Делјан не му пратиле некој анонимен скитник собран од улица кој најмногу до обичен барабанџија во востаничката армија ќе стасал, туку баш вториот братучед на водачот на бунтот, т.е. човек што можел да направи најголема штета за востанието.

Никој не станува предавник од „чиста мира“, туку само затоа што очекува дека нешто ќе добие со тоа. А за да добие, за да му дадат непријателите пари или привилегии, тој мора да има нешто да им понуди за возврат. Што повисока позиција зазема, што поголема доверба во него имаат неговите луѓе, толку поголема вредност ќе има неговото предавство за оние што би го поткупиле.

Од таму, глупаво е да се чудат некои опозиционери кога ќе сфатат дека човекот во кого максимално верувале ги предал. Па, кој да ве предаде, некој што не сте го вртеле ни два посто, некој што бил во десеттиот ешалон!? Таквиот и да сака, не може да ве предаде зашто тој едноставно е на толку ниска позиција што нема што да им понуди на вашите непријатели! Затоа и се вика тројански коњ, а не тројанско ждребенце.

Е сега, бидејќи предавството може да се очекува само кај оние на одговорна позиција, и напорот за превенција на предавство, за лов на тројански коњи не мора да се прави врз целата организација, туку само врз мал дел од неа, оној со највисок ризик, т.е. поширокото раководство. Но, и покрај таа олеснителна околност, во редовите на македонската опозиција се чини дека нема систем чија задача би била да ја штити од тројански коњи, од провали и предавници.

Со други зборови, изгледа дека опозицијата не врши никаква контраразузнавачка активност кон власта, иако власта и тоа како врши постојана разузнавачка и разурнувачка дејност кон опозицијата! А не дека таквата активност би била придружена со некои големи трошоци и издатоци. Ако се работи проактивно, баш напротив, би се покажала дури и профитабилна за опозицијата!

ПРОАКТИВНИ МЕРКИ

Словенечкиот комунист Јосип Копинич, кој во младоста бил припадник на разузнавачката служба на Советскиот Сојуз, во неговата биографија раскажува за еден многу интересен и поучен пример на контраразузнавачка активност што тој ја извел за време на шпанската граѓанска војна, кога бил доброволец на страната на антифашистичките сили.

Имено, две подморници од шпанската антифашистичка флота во текот на борбите биле оштетени до тој степен што биле испратени во едно француско бродоградилиште на поправка. Арно ама, поправањето многу бавно се одвивало и затоа подморниците со месеци не биле во состојба да се вратат во активна служба во војната. Шпанската влада го испратила Копинич (по препорака на советската тајна служба) во бродоградилиштето за да открие што е причината за застојот со поправките на стратегиски важните подморници. Тој, пак, штом пристигнал, веднаш стапил во контакт со претставниците на германската разузнавачка служба (која била во сојуз со шпанските фашисти против кои се борел Копинич) и која имала свои агенти во бродоградилиштето чија задача била да ги саботираат поправките на подморниците.

Копинич, наместо да се обидува да ги поткупи фашистичките агенти, наместо да им се заканува или да организира атентат врз нив, нешто што ќе го чинело многу пари и би било ризично, отворено им предложил на фашистите да работи за нив! Значи, им се понудил да стане предавник т.е. тројански коњ, ветувајќи им дека ако тие дозволат подморниците да бидат конечно поправени, ќе ги одведе потоа тие пловила, не во некое пристаниште под контрола на антифашистичката влада на Шпанија, туку баш во пристаниште каде што подморниците ќе паднат во рацете на шпанските фашисти, кои на тој начин не само што ќе ја ослабнат антифашистичката флота за две подморници (што била нивната првична замисла), туку ќе ја зајакнеле и својата фашистичка флота за две подморници, и тоа баш на сметка на антифашистичката влада која ги плаќала поправките во француското бродоградилиште!

Ваквата златна понуда фашистите биле пресреќни да ја прифатат и откако на Копинич му исплатиле голема сума пари како награда за предавството, им наредиле на своите локални агенти да престанат со саботажите, па подморниците за неколку дена биле сосема поправени и спремни за пловидба. Копинич, откако срдечно се испоздравил со своите нови фашистички пријатели со подморниците запловил кон Шпанија, наводно водејќи ги кон некое фашистичко пристаниште, како што било договорено. Арно ама, подморниците си стасале безбедно во рацете на шпанските антифашисти и продолжиле во нивната флота да  војуваат и да потопуваат бродови кои носеле муниција и опрема за фашистите!

Така советскиот разузнавач од словенечко потекло, Јосип Копинич, ги зафркнал фашистите. Нудејќи им се како предавник, како тројански коњ, тој, всушност, нив ги предал и ги зезнал. Како што велел оној тројански свештеник Лаокон, кој залудно ги предупредувал Тројанците да не им веруваат на Грците дури и кога овие дарови им носат, т.е. да не го внесуваат дрвениот коњ што Грците го оставиле на плажата пред Троја во нивниот град, така и фашистичките агенти не требало да му веруваат на комунистот Копинич, дури и кога овој дарови им нудел, во облик на две подморници!

Ваквиот проактивен стил на контраразузнавачка работа советските тајни служби доста често го користеле, понекогаш со помал, понекогаш со поголем, а понекогаш и со бизарно спектакуларен успех. Легендарниот разузнавачки стратег на СССР, Павел Судоплатов, во текот на Втората светска војна организирал цела група од неколку десетици лажни германски шпиони во рамките на Црвената армија и на советската дипломатија, кои вешто глумејќи тројански коњи им давале лажни податоци на нацистите, врз основа на кои Германците ги правеле своите неуспешни воени планови за офанзиви и за напади.

Еден од најкреативните и најубедливи лажни тројански коњи во групата на Судоплатов бил извесниот Александар Демјанов, кој толку многу ја стекнал довербата на Германците што овие му доделиле медал – „Железен крст со мечеви“. А кога сфатил Судоплатов колку неговиот човек успешно ги зезнал нацистите, тој, пак, му го доделил советскиот орден – „Црвена ѕвезда“. И така, дотичниот Демјанов станал уникатен пример во историјата – тој е можеби единствениот војник воопшто кој во една иста војна, за неговите заслуги во текот на една иста операција, истовремено добил одликување и од двете завојувани страни!

НАМЕСТО ПРОАКТИВНА, ИМАМЕ ПРОПАСИВНА ОПОЗИЦИЈА!

Ајде да ги проанализираме наведените примери. Во 1990-тите, тогашните стратези на СДСМ просто се растураа од испраќање „алусијани“ кон ВМРО-ДПМНЕ, чија задача беше да ги наведуваат опозиционерите на погрешен пат и да ги носат во сигурни порази. Алусијаните беа како персонални, така и идеолошки. Во идеолошка смисла, се создаде заблудата кај вмровците дека тие треба да се антиалбански ориентирани, па уште по првите повеќепартиски избори, иако можеа да направат коалиција со ПДП и да формираат влада, тие не го направија тоа зашто им ја наби некој фамата дека со Албанците не смеат по никоја цена да бидат во иста влада македонските патриоти.

Во персонална смисла, еден куп алусијани се набутаа во редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои со своите крајно забегани ставови, изјави и потези само ја руинираа партијата во очите на гласачите, па дури во 1998 година и тоа само по коалицијата со југоносталгичарската опција предводена од Тупурковски, успеаја да дојдат на власт, откако претходно Љубчо спроведе неколку фази на персонална и идеолошка деалусијанизација на партијата.

Во денешно време, СДСМ небаре е сосема друга партија во споредба со златните денови кога нејзините макијавелистички стратези постојано коваа лукави византиски методи со кои редовно си играа дрндупки со збунетите вмровци. Колку што сегашнава ВМРО-ДПМНЕ личи на некогашниот СДСМ, толку повеќе и сегашниот СДСМ потсетува според наивноста и беспомошноста на некогашната ВМРО-ДПМНЕ.

Да не знаевме колку се всушност смотани „стратезите“ на СДСМ, ќе си помислевме дека примерот со Копинич се пресликал во нашево време кај Стевчо Јакимовски. Имено, тој наместо да се бори залудно со власта која му правеше саботажи при водењето на опозициската општина, одглумил дека сменил страна и власта, не само што го остави на мир, туку и му помага одвреме навреме, како на пример при собирањето на потписите за неговиот кандидат на претседателските избори.

Ама ние знаеме дека во редовите на СДСМ нема таков итроманец што ваков лукав план ќе скрои, па јасно е дека кавгата меѓу СДСМ и Стевчо е искрена, реална и вистинска. Но, дури и да е така, ништо не ги спречуваше од опозицијата да пуштат гласини дека Стевчо или кој било друг што му свртел грб на СДСМ е некаков двоен агент, некаков си „Александар Демјанов“, кој ќе ја зафркава власта до тој степен што ќе добие „истовремено ордени и од двете завојувани страни“, т.е. и опозицијата ќе има корист од него, ама и владата ќе го наградува со наместени тендери и со пристап кон медиумите.

Ако на советските контраразузнавачи не им било тешко во текот на Втората светска војна да создадат круг на лажни германски шпиони во своите редови, т.е. цела ергела на лажни тројански коњи, со што ги „предухитриле“ нацистичките обиди за пронаоѓање вистински предавници, зошто на нашите опозиционери им се фаќа тешко денеска да ја „предухитрат“ и тие власта на сличен начин. Имено, додека таа се обидува да создаде вистинска вештачка опозиција, зошто од реалната опозиција не изгледаат малку така, проактивно, и не создадат тие самите лажна вештачка опозиција?

Која нема да ги чини ниту денар, зашто таквите лажни вештачки опозиционери ќе се финансираат со „донации од владата“, како што и Јосип Копинич не го чинело ништо да ги поправи антифашистичките подморници во француското бродоградилиште, па дури му било и платено за „трудот“ од страна на фашистичките агенти.

Во ерата на царот Самуил, во битката кај Беласица (на која годинава, на 29 јули ѝ се паѓа илјадагодишниот јубилеј) Византијците по извојуваната победа со итрина, на заробените македонски војници им ги извадиле очите, оставајќи му на секој стоти по едно око за да ги води тој ослепените назад кон цар Самуил. Византијците дејствувале тогаш многу проактивно и затоа постигнале голема победа. Дури и потоа, кога ја уништиле Самуиловата држава оставиле дел од елитата (верзија на „секој стоти со едно око“) во резерва, за случајно ако се крене некој ден востание, да имаат на лагер некој како Алусијан да го саботира востанието.

Тројанските коњи, сами по себе, не мора да бидат штетна појава, особено ако се добро „потковани“ пред да се пратат во мисијата и ако тој што ги праќа, ги држи цврсто за „уздите“. Но, денешната македонска опозиција е до тој степен спротивна од проактивна, т.е. е пропасивна, што од власта и немаат многу потреба да ја напаѓаат со византиски методи, лукавштини и итрини. На секои избори, опозиционерите доживуваат нова „Битка кај Беласица“, па стасаа до тоа ниво, самите да си ги вадат очите меѓу себе.

Поврзани новости