Нуланд и фитиљоманите

by lali 10:53
10:53

Посетата на госпоѓа Нуланд и нејзините пораки ме вратија малку назад во поновата политичка историја на нашата држава. Всушност, при посетата имаше една јавна порака: добри меѓуетнички односи. За тајните пораки си знаат Груевски и Ахмети. Тачи ќе дознае од Сушико, а мојата партија, не знам од кого ќе дознае, зошто средба за прв пат и немаше. Добрите меѓуетнички односи ме вратија во едно ладно декемвриско утро во 2005-тата година, кога Солана и Блер, објавувајќи го кандидатскиот статус на Македонија, како прв аргумент ги наведоа токму добрите меѓуетнички односи. Тоа е година кога Србија и Црна гора не се ниту независни држави, Албанија политичкиот дијалог го решава преку нишан, а Вучиќ и Николиќ повеќе зборуваат за Косово отколку за Србија. За Груевски, Ден Дончев сѐ уште беше финансиски гуру.  Кандидатскиот статус беше потврда на вложеното. Добрите меѓуетнички односи се капитал на СДСМ кој никој не може да го избрише, особено во процесот после 2001-та. Односи кои се градеа со многу труд, дијалог и јасна визија за иднината на Македонија. Собранието во тој период имаше исклучително голем придонес. Затоа е недозволиво претседателот на СДСМ да биде последен во нарачаните изјави за настаните пред судот, иако барем се појави после 2 месеци во јавност.

Посетата и пораките на Нуланд не се однесуваа на клептоманите  (ние кај нас си ги викаме тендеромани), туку на фитиљоманите. Фитиљомани лоцирани во власта која за да покрие некое задолжување или поскапување има испробан рецепт, си пали меѓуетнички фитиљ, и да нема некој дилеми: договорен фитиљ. Како Груевски, така и Ахмети сфатија дека најмногу гласови на избори,  за жал, сѐ уште носат национализмот и стигматизацијата на политичкиот противник. Кога нема леб, секогаш има фитиљ кој може да се потпали и игрите може да започнат. И кога им тргна карта…

- Advertisements -

При тоа, не мора човек да „гугла“ за да се сети на неколку провидни потпалувања. На пример, фитиљот од Кале, каде дење Груевски градеше црква, а ноќе Ахмети со пола влада и камери ја рушеше. Потоа жртвуваа деца од двете етнички заедници за да ги пополнат вестите и заеднички прегрнати отидат на избори. На последниве избори исто сценарио, Груевски бара 62, демек да се спаси од ДУИ, ДУИ пак, демек сипаници добиваа од Хорхе, а заедно позади камерите го распределуваат буџетот како ефтина раванија. Во меѓувреме нѐ забавуваа со цар Душан и токмаците по него. Кога зборувам за овие настани сѐ уште чекам одговор од власта, што би се случило некој член од СДСМ да опне еден токмак по Аце или Филип? За колку време ќе биде врзан за некој радијатор во полициска станица? И Груевски и Ахмети знаат дека граѓаните сѐ уште се плашат од етнички тензии и знаат дека кога заради поскапувањето граѓаните купуваат помалку леб имаат една мисла, може и полошо. И како капак, палењето фитиљи чини пари. Во петокот, во кафичите во близина на владата, беше како после цунами, животот се пресели во Skopje City Mall. А целиот процес строго контролиран и превениран, значи: можело да се спречи и првиот пат, доколку се сакало? Затоа на избори ги плашат граѓаните едни од други, за да коалицијата го покрие нашето назадување и пропаѓање под мотото: “само да рата не буде”. Затоа иако се декларираат како големи верници, знаат да ги судрат граѓаните околу верски објекти, како  што беше со црквата на плоштадот. И што е уште пострашно, жртви да бидат младите студенти од архитектонскиот факултет и група граѓански активисти. И како капак, палењето фитиљи чини пари. Посебно оној за пописот, десет милиони евра од граѓаните на Македонија.

Затоа и госпоѓа Нуланд иако добро ги знае клептоманите околу Груевски и Ахмети, ним им се обрати како фитиљомани. Власта носи и одговорност, власта мора да испорача решенија, а не жалопојки демек Исус била. Триковите на запад не поминуваат, потпалувачите одамна заминаа од нашето соседство, затоа и нашето соседство заминува од нас. Тие трикови ги тераат и младите од самата држава.

За жал, добрите меѓуетнички односи ги покрија и слободата на говорот и опозицискиот бојкот, а тоа е уште еден ас во ракавот на Груевски и Ахмети. Ас за да продолжат на ист начин, да купат време со ветување дека ќе поработат на меѓуетничките односи, а за тоа време да си ги стават другите проблеми под тепих.

А додека фитиљоманите го планираат следното “потпалување” граѓаните треба да се справат со новите поскапувања и задолжувања. Пред сѐ поскапувањата на лебот, струјата, за патарините нема проблем, што би рекол Груевски, 90% од граѓаните на Македонија не ги користат. Граѓаните очекуваат конечно после 8 години да се запали фитиљот на толку долго најавуваниот економски бум. Граѓаните гледаат дека Груевски не зборува за инвестиции во зоната во Тетово. Граѓаните гледаат дека Ахемти се сети дека судството не е независно после последните пресуди, а пред тоа Љубе, Велија, Шиповиќ?

Се плашам дека и уставните измени повеќе ќе бидат фасада отколку суштина, впрочем како и се од оваа влада. Уште една пародија во режија на власта. За гротеската да биде поголема се погрижи и новиот владин партнер ГРОМ со колумната на нивниот претседателски кандидат Поповски кој ги критикуваше, а нивниот пратеник Саздовски ги гласаше уставните измени, односно почетокот на процесот за истите. На граѓаните ќе им се понуди “забава” за истополните бракови, наместо дебата зошто Белизе се сели во Македонија? Ќе се манипулира на МТВ со наводни предавници на верата, наместо да се одговори чиви пари ќе пере владата ?

Граѓаните не само што ги знаат пораките од Нуланд, туку тие во секојдневието и ги живеат. Добро заеднички си живее и власта, ама не пред камери. После толку прегрнати тендери и потпалени фитиљи не очекувам Груевски и Ахмети да го променат начинот на водење на оваа држава, останува на граѓаните да го променат тоа.

Поврзани новости