Првата руска мисија на месечината по 47 години не беше успешна откако леталото Луна-25 излезе од контрола и се урна во месечината.
Руската државна вселенска корпорација, Роскосмос, соопшти дека изгубила контакт со леталото кусо откако се појавил проблем додека леталото дошло во орбита на месечината.
„Леталото се најде во непредвидлива орбита и престана да постои како резултат на судар со површината на месечината“, се вели во соопштението на Роскосмос.
Овој неуспех ја потврдува сè помалата моќ на Русија во вселената по завршувањето на славните денови на Советскиот сојуз, кога Москва прва лансираше сателит во орбитата и потоа советскиот космонаут Јуриј Гагарин стана првиот човек во вселената.
Русија немаше мисија на месечината уште од Луна-24 во 1976 година, кога Леонид Брежнев владееше од Кремљ. Луна-25 требаше да слета на јужниот пол на месечината на 21 август.