Руското МНР порачува да запре надворешното мешање во внатрешните работи на Македонија

by fokus

Руското Министерство за надворешни работи бара запирање на мешањето однадвор во внатрешните работи на Македонија.

Во соопштението што преку „Твитер“ го сподели Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, се наведува дека на Македонците со активна помош од ЕУ и од НАТО се обидува да им се наметне „албанската платформа“, создадена во кабинетот на премиерот во Тирана, во рамки на идејата за Голема Албанија, која има територијални претензии кон големи области на соседните Црна Гора, Србија, Македонија и Грција.

„Особено е вознемирувачки што во оваа измама беа вклучени и властите на еднострано прогласеното за независно Косово. Сметаме дека оваа линија е крајно опасна, која води кон уништување на македонската државност и кон дестабилизација на Балканот во целина“, стои во соопштението на руското МНР.

Во соопштението се наведува дека сакаат да потсетат дека предвремените парламентарни избори во Македонија, кои се одржаа на 11 декември лани, со помош на ЕУ и на САД, беа обележани со победа на владејачката партија предводена од Никола Груевски.

„Сега Западот му дозволува на албанското малцинство да се обиде да ја доведе на власт поразената опозиција, поставувајќи им ултиматум со потпишаните барања на Албанците, што води кон ерозија на уставниот поредок на земјата. Понатамошните десктруктивни обиди што се наметнуваат однадвор, спротивно на волјата на македонските гласачи, може само да ја влоши ситуацијата. Мора да се престане со странското мешање во внатрешните работи на Македонија, да им се дозволи на македонските граѓани да одлучат за својата иднина, во согласност со основните демократски принципи“, пишува во соопштението на руското МНР.

Извор: Плусинфо

Поврзани новости