Министерството за надворешни работи на Руската федерација оценува дека предвремените парламентарни избори во Република Македонија на 11 декември 2016 година и покрај исклучително напнатата политичка ситуација, се одржаа во мирна атмосфера. Меѓународните набљудувачи, меѓу кои беше и група руски претставници, не регистрираа битни повреди на универзално прифатените стандарди, вели руското МНР и додава дека ниту една политичка партија не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство.
Министерството за надворешни работи на Руската федерација ги повика сите политички сили во Македонија да ја почитуваат волјата на гласачите, да дејствуваат во рамките на Уставот и да ги избегнуваат контрапродуктивните надворешни влијанија при формирањето на новата влада.
„Веруваме дека македонските политичари се свесни за степенот на одговорноста за зачувување на стабилноста во Македонија и меѓуетничката хармонија, кои се неопходен фактор за мир во целиот балканси регион“, се вели во соопштението.
Русија, како што се наведува во соопштението, очекува приоритетите на новата влада на Република Македонија да бидат избалансирани и да се фокусираат на зајакнување на мирот и безбедноста на европскиот континент.