Четири лица загинаа, а 16 се повредени во украинското гранатирање на живинарска фарма во селото Карпати во самопрогласената Луганска Народна Република (ЛНР), соопшти денеска претставништвото на ЛНР во Заедничкиот центар за контрола и координација на режимот за прекин на огнот.
Како што се наведува, во нападот била оштетена зградата на фармата, пренесува РИА Новости. Во септември минатата година официјална Москва објави припојување на Луганск и уште три украински региони кон Русија.
Едно лице загина во украинското гранатирање на центарот за привремено сместување на раселените жители на регионот Белгород, изјави гувернерот на регионот Вјачеслав Гладков.
– Вооружените сили на Украина гранатираа центар за привремено сместување во кој престојуваа цивили – стари луѓе и деца. Убиен е чуварот на оваа институција. Ранети се уште две лица. Тие се во тешка состојба и се на одделението за интензивна нега – напиша гувернерот.
На социјалните мрежи се појави видео од тенковите на 1-та словенска бригада кај Авдејевка.
Војниците на 1-та словенска бригада на ДНР со заробен Т-64БВ прецизно го погодија утврденото подрачје на непријателот. Корекцијата е направена со помош на дронови.
Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска побара од Украина и Русија да ги прифатат петте принципи за заштита на нуклеарната централа Запорожје.
Тој рече дека и по неколкумесечни напори, не можел да обезбеди договор меѓу двете страни за заштита на овој објект и намалување на ризикот од катастрофална нуклеарна несреќа што може да биде предизвикана од воени активности како што е гранатирањето, пренесува Ројтерс.