Рускиот капитал во Македонија не го фаќаат санкциите поради Украина

На листата на санкционирани не се наоѓаат лица кои имаат бизнис во Северна Македонија“, ни изјавија од Владата, која се приклучи на пакетот на санкции на ЕУ.

by Фокус

Македонската Влада кон крајот на февруари годинава донесе заклучок за да се придружи кон пакетот санкции на ЕУ, вклучително и на сите досегашни од 2014 година, поврзани со кршењето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, прво преку анексијата на Крим, а сега и со таканаречената специјална воена операција на Русија.

Со оваа одлука, како што велат од Владата, земјава постигнува 100 отсто придружување кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, реализирајќи ја, посочуваат од таму, максималната стапка на придружувања како јасен и конзистентен израз на нашата евро-атлантска надворешно-политичка ориентација и цели на државата.

Но, со оглед дека ЕУ неколкупати ја проширува листата на лица опфатени со санкциите поврзани со Русија и рускиот државен врв, се поставува прашањето дали со санкциите на кои им се придружи и земјава опфатени се лица-руски државјани кои делувале или моментално делуваат во Македонија во одредени бизнис-сектори?

„Овие санкции главно се насочени кон високи државни претставници на Руската Федерација, како и кон конкретни фирми од банкарскиот сектор кои немаат свои активности во земјава. Оттаму, на листата не се наоѓаат лица кои имаат бизнис во Северна Македонија“, велат од Владата.

Инаку, рускиот капитал во земјава е присутен преку повеќе компании, а една од најпознатите руски компании во земјава е нафтената „Лукоил“, која влезе во фокусот на јавноста откако македонските власти ги повикаа граѓаните да не купуваат нафтени деривати од оваа компанија, бидејќи така индиректно ја финансирале војната во Украина.

На сите ни е јасно дека купувањето на руска нафта и гас ја финансира војната, односно руската армија. Главните средства на Русија доаѓаат од изворите на природен гас и нафта. Како што гледате Европа е зависна од тој гас и од нафтата и доставата не е прекината целосно токму поради таа зависност – рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во однос на тоа реагираше Аријанит Хоџа од опозициската Беса, кој објави документ од кој се гледа дека Министерството за надворешни работи купувало нафта од „Лукоил“, што, според Хоџа, би значело дека и МНР ја финансира војната на Украина, ако се суди според аршинот на Османи.

Меѓутоа, треба да се истакне дека „Лукоил“ повика на прекин на војната во Украина. Во неодамнешното соопштение на компанијата стои дека нејзиниот одбор го поддржува „итниот прекин на вооружениот конфликт и целосно го поддржува неговото решавање преку преговарачкиот процес и преку дипломатски средства“.

На чело рускиот нафтен гигант е Вагит Алекперов, чија компанија е една од најголемите компании за нафта и гас во светот и сочинува околу 2 отсто од глобалното производство. Покрај „Лукоил“, руско бизнис-присуство во државава има и преку Те-То и БЕГ, кое располага со лиценците за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија, откако пред повеќе години ги презеде од Топлификација.

За информација, БЕГ АД е формирана од две фирми, секоја со влог од по 25.000 евра. Едната е „Кордикор“ со седиште на Кипар, а втората е „Битер Холдинг“ регистрирана на островот Џерси (дестинација помеѓу Англија и Франција). Станува збор за фирми на ТГК 2, во кои управувачки пакет има фирмата „Синтез“ на рускиот тајкун Леонид Лебедев, кој во матичната држава беше и обвинет за финансиски криминал.

Пред да влезе негов капитал во земјава, тој во Русија се сретна со поранешниот македонски премиер Никола Груевски, поради што многу го доведуваат во корелација со поранешната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив беше е Марјан Ненов од здружението Но Пасаран, кој смета дека тогашната власт го создала БЕГ.

Груевски во јуни се гледа со Лебедев, а само по месеци и пол, БЕГ АД е формирана како компанија од компаниите на Лебедев. Груевски не можел се ова сам да го направи, така што сигурно имал помош од фамилијата. За да го тргнете поранешниот директор на Топлификација Хаџимишев, односно да му ги земете лиценците, треба добро да го стиснете – рече во интревју за Фокус.

Во секој случај, најпрепознатлив руски експонент во Македонија е Сергеј Самсоненко, кој за првпат пристигнал во земјава во 2006 година, на покана на бизнис-пријател, меѓутоа, според негови зборови, толку многу му се допаднало, поради што одлучил да го напушти родниот Ростов на Дон и да се пресели во Скопје.

Оттогаш, тој го изгради хотел „Русија“, влезе во сопственичката структура на неколку компании и почна да ги финансира спортските клубови што го носат брендот Вардар, од кои неодамна се повлече. Еден од неговите инвестициски проекти беше и деловно-хотелскиот комплекс, кој се гради на скопскиот плоштад, чија судбина практично стана неизвесна поради стечајната постапка предизвикана од негови поранешни соработници и партнери.

По повод овој случај, Фокус своевремено реализираше интервју со Самсоненко, во кое тој вели: „Јас не сум политички човек, јас сум почесен конзул на Русија и треба да ја поддржувам политиката на мојата матична држава. А, кога ќе почнам да поддржувам една или друга партија, ќе добијам забелешка од руската амбасада, бидејќи не смеам да поддржувам партија…“.

Неодамна, тој сведочеше во случајот „Плацеви на Водно“, каде првообвинет е експремиерот Груевски. Тој беше повикан бидејќи моментално е сопственик на плацевите за кои обвинителството докажува дека своевремено ги купил Груевски со партиски пари.

-Јас некое време барав голем плац за да изградам куќа за мојата фамилија за живеење. Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Го платив 110 милиони денари. Уште нема пат и ги трпам штетите. Не можам ниту да го продадам, ниту да го дадам под закуп – рече Самсоненко пред судот.

Потоа, Камчев призна дека плацевите биле на Груевски, кој, според Камчев, ги трампал за 3 ексклузивни стана во комплексот Панорама, по што плацевите му останаа чисти на Самсоненко, додека државата почна постапка за заплена на становите во Панорама.

Влатко Стојановски

Поврзани новости