Македонската Влада кон крајот на февруари годинава донесе заклучок за да се придружи кон пакетот санкции на ЕУ, вклучително и на сите досегашни од 2014 година, поврзани со кршењето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, прво преку анексијата на Крим, а сега и со таканаречената специјална воена операција на Русија.
Но, како што ни изјавија од Владата, Руската Федерација досега нема донесено одлуки што се однесуваат на Македонија како одговор на воведените санкциите. Независно од тоа, додаваат од таму, економските ресори се во постојана координација и ја следат состојбата.
„Извозот на стоки од Северна Македонија во Руската Федерација е незначителен во споредба со можностите за извоз во оваа земја. Во структурата на извозот доминантно е учеството на лекови, овошје, зеленчук, акумулатори и друго“, велат од Владата.
Согласно официјалните податоци, Русија учествува со 1,19 отсто во вкупната трговска размена на Македонија со светот, додека учеството на извозот во Русија во вкупниот извоз во земјава во периодот од 2011 – 2021 година бележи благ пад, при што од 0,9 отсто во 2011 година се намали на 0,7 отсто во 2021 година, со остварен извоз од 47,6 милиони евра.
„Северна Македонија, како и другите земји на Западен Балкан, ќе биде вклучена во Платформата за заедничко купување течен гас (ЛНГ) и хидроген што го договорија Европската Унија и Соединетите Американски Држави. Ова е дел од стратегијата за справување со последиците од војната и енергетската криза за да се ослободиме делумно од зависноста од рускиот гас“, велат од Владата.
Инаку, како што веќе објави Фокус, санкциите на ЕУ кон кои се придружи земјава главно се насочени кон високи државни претставници на Руската Федерација, како и кон конкретни фирми од банкарскиот сектор кои, тврдат од Илинденска, немаат свои активности во земјава.
Инаку, рускиот капитал овде е присутен преку повеќе компании, како што е нафтената компанија „Лукоил“. Покрај тоа, руски капитал има и во БЕГ и Те-То, додека најпрепознатлив руски експонент во Македонија е Сергеј Самсоненко, кој го изгради хотел „Русија“, влезе во сопственичката структура на неколку компании, а го финансираше и Вардар.
В.С.