Поради пад на соборено руско беспилотно летало во украинското црноморско пристаниште Одеса, избувна пожар во кој загинаа три лица, соопшти денеска украинскиот регионален гувернер Олех Кипер.
Војската на Украина соопшти дека пресретнала девет беспилотни летала над Одеса, но дека еден од нив паднал врз зграда на компанија во крајбрежниот дел на Одеса, предизвикувајќи пожар, пренесува Укринформ.
„Три лица загинаа како резултат на непријателскиот напад“, се вели во објавата на армијата на Телеграм.
Во централниот град Дњепар руско беспилотно летало удрило во повеќекатница, при што биле повредени осум лица, изјави гувернерот на областа Днепропетровск, Серхи Лисак.
Тој на Телеграм напиша дека потрагата траела цела ноќ и дека под урнатините можеби се уште има луѓе, пренесува Ројтерс.
Украинската армија објави дека Русија во текот на ноќта лансирала 31 беспилотно летало кон Украина, а украинската противвоздушна одбрана уништила 23 од нив.