Московски суд му го продолжи притворот за три месеци на новинарот на „Волстрит џурнал“, Еван Гершкович, јавија руските медиуми.
Окружниот суд Лефортово на сослушување зад затворени врати го одобри барањето на Федералната служба за безбедност (ФСБ) за продолжување на притворот на Гершкович до 30 август.
САД ја повикаа Русија веднаш да го ослободи новинарот.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, денес изјави дека САД работат напорно за да го вратат американскиот новинар дома.
„Тој воопшто не треба да биде приведен. Новинарството не е кривично дело. Тој треба веднаш да биде ослободен“, изјави Кирби за Си-Ен-Ен.
Родителите на Гершкович, кои избегале од поранешниот Советски Сојуз за време на Студената војна, биле присутни на сослушувањето во московскиот суд Лефортово, објави „Си-ен-ен“.